Kübra Chohan
15 Мај 2018•Ажурирај: 15 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес телефонски зборуваше со своите колеги за неодамнешните случувања во Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
Дипломатски извори велат дека Чавушоглу разговарал со министрите за надворешни работи на Јордан, Индонезија и Иран: Ајман ал Сафади, Ретно Марсуди и Џевад Зариф, како и со генералниот секретар на ОИС, д-р Јусеф бин Ахмад Ал-Отаимен.
Досега израелските војници убија 60 Палестинци, меѓу кои и едно бебе за време на милионскиот протестен марш организиран поради префрлувањето на Американската амбасада во Ерусалим (Кудс) и 70-годишнината од формирањето на израелската држава, датум кој Палестинците го одбележуваат како Накба (Голема катастрофа), по кој следува егзодусот на Палестинците спроведен од страна на Израел.
Според палестинското Министерство за здравство, од почетокот на протестите на 30 март, досега, во престрелките во пограничното подрачје се убиени повеќе од 90 Палестинци.
Минатата недела израелската Влада соопшти дека тековните гранични протести претставуваат „воена состојба“ во која не се применува меѓународното хуманитарно право.