Muhammet Emin Avundukluoğlu
15 Декември 2020•Ажурирај: 15 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Нема санкции кои би дошле од Европската Унија (ЕУ), а кои би можеле да ги изменат позициите на Турција во однос на нејзините права во Источниот Медитеран, изјави денес турскиот министер за надворешни работи, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Не можeме да се откажеме од нашите права и интереси во Источниот Медитеран само затоа што би дошле санкции или затоа што ЕУ ќе нè критикува“, рече Чавушоглу пред пратениците за време на расправата за буџетот за 2021 година во Парламентот.
Чавушоглу стави акцент на активната надворешна политика на Турција, истакнувајќи: „Ако денес без Турција не можат да се преземаат чекори за прашања како што се Сирија, Либија, Источен Медитеран, Кавказ, Авганистан и Ирак, тоа е сигурно резултат на нашата активна надворешна политика.“
Тој нагласи дека Турција ќе продолжи да се држи до дијалогот во нејзината надворешна политика.
„Работевме за заштитата на интересите на нашата земја, но исто така секогаш обезбедувавме мир и правда на теренот“, додаде тој.
Турција, која има најдолго континентално крајбрежје во Источниот Медитеран, ги отфрла тврдењата за поморските граници на Грција и администрацијата на кипарските Грци и нагласува дека овие претерани тврдења ги кршат суверените права и на Турција и на кипарските Турци.
Анкара во последните месеци испрати неколку сондажни бродови за истражување на енергетските ресурси во Источниот Медитеран, бранејќи ги своите права во регионот, како и правата на Турската Република Северен Кипар.
Турските лидери во неколку наврати нагласија дека Анкара е за решавање на сите отворени прашања во регионот преку меѓународното право, добрососедските односи, дијалог и преговори.