Nazlı Yüzbaşıoğlu,Tevfik Durul
15 Јуни 2020•Ажурирај: 16 Јуни 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека Турција продолжува да работи со Русија за постигнување трајно примирје во Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу одржа заедничка прес-конференција со шефот на иранската дипломатија, Мухамед Џевад Зариф, со кој се состана во Истанбул.
Двајцата министри на почетокот на состанокот го потпишаа Меморандумот за разбирање во врска со недвижните имоти на дипломатските и конзуларните мисии помеѓу Турција и Иран.
Турскиот министер нагласи дека со овој меморандум двете земји ќе имаат можност на своите граѓани да им понудат уште подобри услуги.
- „Продолжуваме да работиме со Русија за да се постигне трајно примирје во Либија“ -
Запрашан околу одложувањето на посетата на Турција од руските министри за надворешни работи и одбрана, Сергеј Лавров и Сергеј Шојгу, Чавушоглу истакна:
„Претходно работевме и продолжуваме да работиме со Русија за да се постигне примирје во Либија. Во овој процес исто така нашиот претседател Ердоган и (рускиот претседател Владимир) Путин се согласија да се продолжи со заедничка работа за да се постигне трајно примирје во Либија.“
Турскиот министер за надворешни работи нагласи дека не може да има еднострано примирје во Либија.
„Кога ќе има примирје во Либија, тоа не може да биде еднострано. Постојат конфликтни страни, меѓу кои се и племињата, различните мислења и различните ставови.“
Тој потсети дека во рамки на претходното усогласување на Ердоган и Путин, либиските страни биле поканети во Москва.
„Легитимната администрација таму, (либискиот премиер Фајиз ес) Сараџ, го потпиша овој документ за примирје, но (водачот на илегалните вооружени сили во источниот дел на Либија, Калифа) Хафтар не го потпиша документот“, рече тој.
Чавушоглу потсети дека потоа со поддршка на Турција се одржа Берлинската конференција, но, според него, Хафтар не ја поддржал ниту заедничката декларација што произлезе од оваа конференција, интензивирајќи ја агресијата. Чавушоглу истакна дека откако Хафтар почнал да претрпува порази, почнал да тврди дека ја презел контролата врз администрацијата на земјата.
Шефот на турската дипломатија нагласи дека поради овие причини, сите напори направени во врска со Либија останале без резултат.
Во врска со одложувањето на посетата од руската делегација на Турција, Чавушоглу порача:
„Што се однесува до основните принципи, нема ниту еден проблем во нашите преговори со Русите.“
Според него, овој пат треба малку повеќе да разговараат за деталите на еден политички процес што ќе води кон трајно примирје во Либија.
„Откако ќе бидат јасни овие точки, ќе треба да се состанеме на ниво на министри и да го потпишеме или да го соопштиме заедничкиот документ. Затоа, се согласивме на техничко ниво уште малку да преговараме меѓу нас, како и со Либијците“, додаде тој.
Чавушоглу потсети дека вчера остварил телефонски разговор со неговиот руски колега, Сергеј Лавров, и дека донеле заедничка одлука за одложување на посетата која требаше да се реализира вчера.