АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека најприродно и законско очекување на Турција е дека нејзините сојузници ќе покажат солидарност во рамките на безбедносната неделивост, јавува Anadolu Agency (AA).
„Не е доволно да се каже „ја разбираме легитимната загриженост на Турција“, ние сакаме да видиме јасна солидарност“, изјави Чавушоглу, зборувајќи на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Шефот на турската дипломатија се осврна на операцијата „Извор на мирот" која турските сили ја започнаа на 9 октомври на североистокот на Сирија, односно во пограничниот појас на источниот брег на Еуфрат кој е под окупација на терористичката организација ЈПГ/ПКК.
„[Операција Извор на мирот] Операцијата е насочена кон ставање крај на заканата од тероризмот што произлегува надвор од нашите национални граници, а тие наши граници ги претставуваат југо-источни граници на НАТО. Во тој поглед, тоа е многу важно и за безбедноста на територијата на алијансата“, истакна Чавушоглу.
„Сите знаат дека ПКК и ЈПГ се исти и во сите разговори, сите велат дека Турција е во право и дека нивната загриженост за безбедноста е легитимна. Ако нашата загриженост е легитимна, тогаш нашата борба со терористичката организација, која е причина за нашата загриженост исто така е легитимна“, додаде Чавушоглу
„Најприродното и легитимно очекување на Турција е нејзините сојузници да покажат солидарност во рамките на безбедносната неделивост“, додаде тој.
Министерот за надворешни работи на Турција рече дека црната пропаганда која ја вршат терористите е видена и претходно.
„Ние и претходно ја видовме црната пропаганда. Видовме дека за време на операцијата „Маслинова гранка", црната пропаганда што ја започнаа ЈПГ / ПКК не вредеше. Исто така, кога се боревме против ДЕАШ во операцијата „Штитот на Еуфрат", ја видовме и црната пропаганда на припадниците на ДЕАШ. Мислам дека во однос на цивилите и хуманитарните прашања никој во светот не може да ѝ држи лекции на Турција“, изјави Чавушоглу.
Тој рече дека го информирал Столтенберг за операцијата „Извор на мирот“ и дека Турција очекува од своите сојузници да покажат силна солидарност.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, нагласи дека ниту еден сојузник на НАТО не претрпел повеќе терористички напади, не бил изложен на нестабилност, насилство и превирања од Блискиот Исток и не бил домаќин на толку многу бегалци, колку Турција.
Тој, исто така, ја повика меѓународната заедница да пронајде координирано и одржливо решение за справување со терористите на ДЕАШ во Сирија.