Meryem Göktaş
13 Април 2018•Ажурирај: 13 Април 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, денес ги повика САД и Русија да ги избегнат иницијативите кои можат да ја искомплицираат веќе нестабилната ситуација во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Регионот веќе плаќа цена за граѓанската војна и миграциите. Ги советуваме нашите пријатели да се откажат од иницијативите кои ќе ги направат работите уште посложени“, изјави Јилдирим за новинарите, по петочната молитва на муслиманите во Анкара.
Јилдирим примедбите ги изнесе по вербалниот дуел на САД и Русија предизвикан од коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа Твитер.
Јилдирим исто така нагласи дека не може да се прости употребата на хемиско оружје.
„Употребата на хемиско оружје, убивањето на невини луѓе и деца, е нешто што не може да се прости, тоа е неморално и ниско“, изјави тој.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар Ал Асад во саботата изведоа жестоки напади врз подрачјето Дума во Источна Гута и убија 78 цивили. Локалната цивилна заштита информираше дека во нападите се користени бомби со отровни гасови.
Јилдирим исто така рече дека оние кои се одгворни за нападот со хемиско оружје ќе платат висока цена, без да им наштетат на напорите на Турција, Русија и Иран за градење на долготраен мир во регионот.
На 4. април, Турција беше домаќин на трилатералниот самит за Сирија, каде лидерите на Турција, Русија и Иран се согласија да се борат против сепаратизмот во Сирија и исто така ја нагласија потребата за поголема хуманитарна помош.