Seval Güler
18 Април 2017•Ажурирај: 18 Април 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на владејачката турска Партија на правдата и развојот (АК Parti) и премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, ja повика опозицијата да ги почитува резултатите од референдумот за спроведување на уставните реформи во земјата и порача дека народот на гласачките места слободно ја изразил волјата и дека непотребно е оспорување на таа волја, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање во Пратеничкиот клуб на Партијата АК во турскиот Парламент, премиерот Јилдирим истакна дека Турција во неделата преку демократски референдум му го покажа на целиот свет степенот на достигнатата демократија.
Потсетувајќи дека излезноста на референдумот била повисокa од 85 отсто, Јилдирим истакна дека така е положен важен испит за демократијата и е отворeно ново поглавје на политичко делување во Турција.
„Отворена е нова страница во политичката историја на нашата земја и убеден сум дека тоа ќе биде страница на просперитет на државата и на народот. Победникот на референдумот е Турција, нејзиниот народ, нема поразени. Победници сме сите и нема разлика меѓу Бајбурт, во кој 81 отсто од гласачите гласаа за поддршка на реформите, и Тунџели каде што против беа 80 отсто. Ова е нов ден и време е за нови нешта и за насочување кон иднината“, рече Јилдирим.
Повикувајќи ја целата јавност, вклучувајќи ја и водечката опозициска партија, да се почитуваат резултатите од референдумот и изразената волја на народот, Јилдирим рече дека народот го кажал својот став и дека во врска со тоа нема дискусија. Додаде дека нема да дозволи поделби во Турција, туку ќе продолжи заедничкото градење на иднината на Турција.
Уставната реформа, која беше предмет на референдумот во Турција, меѓу другото, предвидува премин од парламентарен во претседателски систем, потоа му овозможува на претседателот на државата да биде активен член на политичка партија и го зголемува бројот на пратеници во парламентот од 550 до 600.
Јилдирим денес во парламентот истакна дека по објавувањето на официјалните резултати од референдумот и по потврдата дека народот со мнозинство гласови го поддржа спроведувањето на реформите, Партијата АК ќе го покани претседателот на државата, Реџеп Таип Ердоган, да се врати во партијата чиј основач е тој.
„По објавувањето на официјалните резултати од референдумот некои точки ќе бидат имплементирани веднаш, а другите дури по спроведувањето на парламентарните и на претседателските избори во 2019 година. Првата точка што ќе се спроведе по објавувањето на резултатите ќе биде реформирање на Судскиот совет и Советот на обвинители и тоа во рок од 40 дена. Задачата е да се обезбеди независност на судството. Втората точка ќе биде имплементација на укинувањето на воените судови, со што ќе се потврди независноста на правосудтвото. Уште една работа што ќе се спроведе по објавувањето на резултатите е и обновување на врската помеѓу претседателот Ердоган и партијата. Ќе ни биде задоволство да го повикаме претседателот Ердоган да се врати во партијата и да биде меѓу нас“, рече Јилдирим.