Handan Kazancı
28 Октомври 2016•Ажурирај: 29 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, денес го појасни ставот на Турција во врска со идните операции против терористичката група ДЕАШ во Ирак и во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Турција ја започна операцијата „Штитот на Еуфрат“ кон крајот на август, како поддршка на Слободната сириска армија во расчистувањето на северната сириската гранична област од терористите. Операцијата денес влезе во 66. ден.
„Проблемот на Рака не е наш проблем“, изјави Јилдирим за новинарите во Анкара, нагласувајќи дека турските безбедносни сили работеле за безбедноста на турските граѓани.
Сирискиот град Рака е наречен главен град на терористичката група ДЕАШ.
„Ние имаме силен и јасен став таму. Ние ќе бидеме со вас (САД) против ДЕАШ во операцијата во Рака, но доколку се придружат ПКК/ПЈД, кои ние ги сметаме за терористички организации, ние нема да бидеме таму“, изјави тој.
ПКК и неговиот сириски огранок ПЈД се наоѓаат на листата на терористички организации во Турција, иако САД и ЕУ за терористичка организација ја сметаат само ПКК.
Турскиот премиер изјави дека борбата заедно со терористите, особено ПКК, против друга терористичка организација, не била погодна за една уставна држава.
„Ние никогаш не можеме да бидеме заедно со терористичките групи“, изјави тој.
Вчера, турскиот претседател Ердоган се осврна на новите потенцијални рути на операцијата „Штитот на Еуфрат“ во Сирија, зборувајќи за преземањето на Џарабулус, Ал-Раи и Дабик од страна на Слободната сириска армија, со поддршка на Турција.
„Моментално, во Џарабулус има речиси 30.000 лица. Тие се вратија назад, во својот роден град“, изјави Ердоган.
„Сега сме на пат кон Ал-Баб бидејќи Ал-Баб е важно седиште за ДЕАШ. Тие ќе го напуштат Ал-Баб, и кампањата ќе продолжи. Ќе се упатиме кон Мунбич и кон Рака“, додаде тој.