СКОПЈЕ - Адмир Фазлагиќ
Велат дека Балканот е секогаш буре барут. Никогаш не се знае кога може да експлодира.
Тоа е чудно, но вистинито. Чудно, затоа што во модерната цивилизација е тешко да се претпостави дека сè уште може да дојде до судири од толкави размери, но вистинито поради фактот што токму на балканските простори траела најголемата опсада на еден град во модерната историја (главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево - 44 месеци), како и честите судири помеѓу балканските народи, особено по распаѓањето на Југославија, горе наведената реченица станува јасна и реална.
Политичката и општествената вина околу бегалската криза, која повторно се активираше, во овој критичен момент за политичарите, со цел зголемување на јавната поддршка од народот, отвора пат за зголемување на тензиите на Балканот. Дека на овие простори сè уште главен инструмент за освојување власт е национализмот, па дури и шовинизмот, покажува предизборната реторика која ја употребуваат политичарите испраќајки ги своите пораки до народот, од кој ја бараат довербата.
- Руската пропаганда во српската политичка реторика
Имено, во Србија предвремените парламентани избори се закажани за 24-ти април оваа година и токму во екот на политичкото претставување на северот на Косово, на почетокот на овој месец, митинг одржа владејачката Српска напредна странка (СНС) чиј претседател е Александар Вучиќ, којшто е и актуелен премиер на Владата на Србија.
На митингот присуствуваа неколку илјади косовски Срби, кои дојдоа да ги слушнат пораките на српскиот премиер и неговата партија.
Она што никако не можеше а да не се забележи е изразениот национализам и руската пропаганда во говорите на политичарите, но секако, не е за занемарување иконографијата на митингот, при што се забележуваат знамиња на Русија и натписи со поддршка за оваа земја, поради што, за момент, можете да помислите дека наместо во Косово се наоѓате на митинг во Русија.
И покрај неспорниот факт дека Косово е мултиконфесионална држава во која живеат муслимани, христијани, католици и припадници на останатите религии, политичарите на овој собир во неколку наврати истакнаа дека “Косово е колевка на српското православие”, како и дека “на Косово сè е српско”.
- Русија, заштитник на Србија
Оние што ја следат меѓународната политичка сцена, добро се сеќаваат дека со руското вето на предлогот на Резолуцијата за Сребреница во Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) беше спречено Србија да се прогласи за извршител на геноцидот. Токму поради ова, како и поради гласањето против на Русија и нејзините сојузници за приемот на Косово во УНЕСКО, стана збор на митингот одржан во малата општина Зубин Поток на северот на Косово, а секако беше подвлечено дека Србија никогаш нема да ѝ воведе санцкии на Русија во знак на благодарност за она што таа го прави за оваа балканска земја.
„Минатото лето Велика Русија и нејзиниот претседател Путин, ја спречија резолуцијата за Сребреница. Минатото лето, Русија спречи лажната држава Косово да стане членка на УНЕСКО. На оваа света земја заедно со српските војници се бореа и руските доброволци. Русија секогаш го чуваше Косово, така го чува и денес. Затоа мораме да го чуваме нашето пријателство со нашата Русија, Русија ја поддржува оваа наша листа бидејќи тие знаат дека Србија никогаш нема да воведе санцкии на Русија”, изјави на митингот Ненад Поповиќ, лидерот на Српската народна партија која е дел од власта во Србија. Тој се пофали со фактот дека во последните две години српскиот премиер Вучиќ остварил шест средби со рускиот претседател Владимир Путин, со тоа сакајќи да укаже на блискоста на овие две земји.
Исто така, една од пораките која беше упатена на Србите во Косово е дека тие се браникот на татковината Србија, уверувајќи дека никогаш нема да бидат заборавени од официјален Белград.
- Косово: Една држава, два света
Сепак, анализирајќи ја состојбата на Косово лесно можат да се воочат разликите, и тоа уште на прв поглед.
Во овој северен дел на Косово каде што мнозинството граѓани се припадници на српската етничка заедница може да се воочи лошата патна инфраструктура, економската стагнација, сивата економија, но сепак луѓето таму остануваат да живеат поради финансиската помош која ја добиваат од Србија бидејќи Косово е историски и стратешки важно за оваа држава.
Од другата страна пак, од самиот влез од Македонија во Косово до Приштина се наоѓаат голем број мали компании кои инаку во економијата се двигатели на економскиот раст а Приштина прераснува во модерен град. Но сепак, сето ова не е доволно ова парче земја да функционира нормално, затоа е неопходно воспоставување на колку што е можно покоректни односи помеѓу Србите и Албанците, бидејќи нема друга алтернатива, бидејќи е во прашање иднината на тој регион.
Повеќе од јасно е дека во неможноста за квалитетна политичка понуда, на чија програма би се нашле вработувањата, создавањето на услови за квалитетен живот и подобра иднина за младите, политичарите го користат национализмот како инструмент за добивање на политички поени.
Конечно, потребно е конструктивно решавање на отворените проблеми со цел изнаоѓање на решенија со кои би можеле да се затворат „вечните проблеми од минатото” а да се овозможи посветла иднина за младината која поради немање перспектива купува билет во еден правец и по секоја цена настојува да остане во земјите од Западна Европа.
- Политика а не политиканство
Несомнено потребно е „лечење” од балканскиот сидром наречен „топла соба”, при што додека политичарите разговараат меѓусебно уверуваат на подобрување на односите, но и во најмалите кризи како да забораваат што изјавиле и што ветиле, поради што доаѓа дури и до влошување на односите, а отпосле доаѓаат и последиците во финансиска, економска и општествена смисла. Затоа, наместо само декларативни ветувања, потребни се отстапувања од тврдите ставови и подготвеност за компромиси кои би довеле до создавање основа за просперитет.
Дека навистина може да дојде до подобрување на односите само доколку постои политчка волја, покажува и добрата аксиома која вели дека нема добри или лоши народи, туку само различни, како и дека секоја земја може да се поправи, влева надеж дека постои можност за посветла иднина на Балканот, во спротивно, заробувањето во канџите на минатото може само да ја врати непосакуваната историја и лавиринтите од кои нема излез, а тоа е најмалку потребно.