Admir Fazlagic
07 Декември 2017•Ажурирај: 08 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за правда на Република Македонија Билен Саљији денеска ги презентирани наодите, односно недоследностите констатирани од увидот во функционалноста на информатичкиот систем и надзор над примената на одредбите од Судскиот Деловник во судовите, јавува Anadolu Agency (AA).
Предмет на увид во сите три судa, Основниот суд Скопје 1, Апелациониот суд во Скопје и Врховниот суд, беа процедурите за функционирање на АКМИС (Автоматизираниот информационен систем за управување со судските предмети), годишниот распоред на судии, процедурата за исклучување на судија од автоматска распределба и прераспределба на предмети, како и сите одлуки за рачна распределба на предмети.
Како што соопшти министерот Саљији, увидната работна група констатирала недоследност во примената за Законот за управување со движење на предметите во судот и судскиот деловник како и недоследност во користење на АКМИС системот во Основниот суд Скопје 1 и во Врховниот суд. Во Апелациониот суд во Скопје е констатирано дека Законот за управување со движење на предметите во судот и судскиот деловник се применуваат, АКМИС-от е имплементиран и редовно се користи освен во делот за судска управа.
Презентирајќи ги недоследносите констатирани од увидот во Основниот суд Скопје 1 - Скопје, тој посочи дека во овој суд се констатирани највеќе неправилности. Во тој контекст, наведе дека Годишен план за управување со движење предметите во судот е донесен само во 2013 година, не е формирано работно тело за управување со движење на предметите во судовите, не се донесени внатрешни процедури за одделни процеси при управувањето со движењето на предметите во судот.
Министерот за правда наведе дека Годишниот распоред за работа на судот за 2016-та и 2017. година е менуван често и не е испочитувана процедурата за негово донесување.
Како што нагласи, во рок од речиси 2 години бил 10 пати менуван од кои во месец септември во 2016. година бил сменет три пати.
Министерот за правда Саљији истакна и дека при увидот е констатирано е дека постојат 860 предмети во кои нема доделен судија.
Со ова, како што рече тој, се доведува во прашање точноста на статистичките податоци во месечните и годишните извештаи за работа на судот и на судиите коишто се доставувани до повисоките судови, Судскиот совет на Република Македонија и Министерство за правда на Република Македонија.
- Препораки
Министерот за правда Саљији наведе и неколку препораки за кои рече дека имаат цел да воспостават исккучителна професионалност во работењето на судовите и враќање на кредибилитетот на судските институции.
„Доследно почитување на Законот за судови, Закон за управување со движење на предметите во судовите и Судскиот деловник, формирање и функционирање на работни тела за управување со движење на предметите во судовите. Претседателите на судовите да поднесуваат извештај за реализација ја нивната програма за работа до Судскиот совет, да се зајакнат контролите на повизоките врз пониските судови, Судскиот совет перманентно да ја следи работата на судовите во имплементација на АКМИС-от и спроведување на Законот за управување со движењето на предметите во судовите и Судскиот деловник", истакна министерот Саљији.
Увидот го спроведе Работна група која беше формирана од страна на Министерството за правда, а ја сочинуваат лица од Министерство за правда, судии и информатичари. Увидот во трите суда е спроведен оваа година, во Основниот суд Скопје 1 Скопје на 5 октомври, во Апелациониот суд на 9 ноември а во Врховниот суд на 17 ноември.
Инаку, во извештајот на експертската група на Рајнхард Прибе од Европската комисија, беше констатирано дека постојат индиции за злоупотреба на АКМИС-системот, кој како систем ги автоматизира и следи предметите од иницијалното отвoрање на предметот преку негово доделување, било да е кривичен, прекршочен, граѓански и други.