Husameddin Gina
26 Декември 2018•Ажурирај: 26 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Шеесет и пет успешни компании ќе бидат кофинансирани со повеќе од 800 милиони денари од страна на Владата во таканаречениот „втор инвестициски бран“, кој се реализира во рамки на првиот повик од Столб 3 од Планот за економски раст, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Зоран Заев, во обраќањето пред добитниците на грантовите, истакна дека планот за економски раст за изминатата година не само што ја постигнал, туку и ја надминал зацртаната цел.
„Поддршката за отворање на центри за технолошки развој и иновации, којашто за прв пат е воведена во Македонија, освен што во голема мера го поттикна технолошкиот развој, ја разбуди и креативноста на компаниите: истовремено, македонските компании станаа поконкурентни на пазарите во регионот“, рече Заев.
Тој, исто така, најави дека како Влада ќе продолжат да работат со засилено темпо и повтори дека 2019 година ќе биде година на пресвртница во економските политики.
Потпретседателот на Владата, Кочо Анѓушев, повикувајќи ги македонските компании да бидат извозно ориентирани, истакна дека иновативноста и технолошкиот развој се основата на секое зголемување на продуктивноста.
„Ако сакаме да имаме стапки на раст од 6-7 проценти, 5 проценти во нашата држава на бруто домашниот производ, мораме извозот да го покачиме од постојните 54 отсто, на 65-75 отсто во учеството на бруто домашниот производ. Тоа може да се направи само со зголемен извоз, тоа може да се направи само со зголемена конкурентност, а точно овие мерки кои денеска овдека ги промовираме можат да го направат тоа“, рече Анѓушев.
Според него, ова е историски исчекор, и се очекува следната година да даде сериозен импакт во индустријата за да биде една од водечките гранки на економијата на Република Македонија.
Во првиот инвестициски бран на 79 микро, мали и средни претпријатија им беа доделени грантови во вкупна вредност од 10,5 милиони евра, или 638 милиони денари, средства за поддршка предвидени во Планот за економски раст.