Husamedin Gina
01 Април 2021•Ажурирај: 02 Април 2021
СКОПЈЕ
Државниот архив на Република Северна Македонија денеска прослави 70 години од своето основање, јавува Агенција Анадолија (АА).
По повод 70 години од основањето на Државниот архив, денеска во Музејот на македонската борба, Скопје, беше одржана свечена академија, под покровителство на премиерот на државата, Зоран Заев, кој се обрати на учесниците.
Премиерот Заев во обраќањето, потенцирајќи го значењето на Државниот архив, рече дека оваа институција која е темел на нашиот идентитет и сведок на нашата историја, култура и традиција, несомнено има значајна улога, пред сѐ како чувар на нашата колективна меморија и националните вредности.
„Државниот архив е историско научен храм кој претставува своевиден мост помеѓу минатото и иднината. Почетна точка во истражувачката генеза за најзначајните елементи поврзани со идентитетот на еден народ. Бидејќи архивскиот материјал е заштитено историско и културно наследство, тоа е и наше трајно национално богатство“, рече премиерот Заев.
Истакнувајќи дека Државниот архив претставува еден од столбовите на нашиот идентитет, премиерот Заев рече дека долгот и обврската кон идните поколенија за безусловно чување на историјата и трајното национално богатство паѓа токму врз плеќите на Државниот архив.
Во своето излагање директорот на Државниот архив, Емил Крстески, рече дека сознанијата за минатото и за историјата воопшто не би биле возможни доколку не би постоеле државните архиви со чија помош може да се разбере минатото и идентитетот на било која држава или нација.
„Во нашите депоа се наоѓаат мошне важни документи што се однесуваат на нашето минато, оригинални документи, писма, фотографии и други материјали од познати револуционери, илинденци, просветители и писатели, уметници, општествени дејци, како и документи од најзначајните политичко-историски процеси, настани и личности од поново време“, нагласи директорот Емил Крстески.
На свечениот собир беа присутни и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Салих Мурат, архиепископот г. г. Стефан, претседателот на Исламската верска заедница во Северна Македонија, Шаќир Фетаху, министри, пратеници, Омер Согут, програмски координатор на ТИКА во Скопје, историчари и голем број гости.
По повод овој јубилеј промовирана е и монографијата „Печат на времето – 70 години Државен архив (1951 - 2021)“, во која е презентиран историскиот развој на Државниот архив низ најзначајни фотографии и документи со кои тој располага. Исто така, промовиран е и зборникот „Првите луѓе на Државниот архив (1951 - 2021)“.
По завршувањето на официјалниот дел на настанот, гостите имаа можност да ја погледнат изложбата „Скопската градска општина“, посветена на градоначалниците на Скопје.