Ekipa
27 Јули 2018•Ажурирај: 28 Јули 2018
ТИРАНА (АА) - Албанската полиција соопшти дека привела девет албански државјани осомничени дека припаѓаат на организирана криминална група која изработувала и продавала идентификациски документи со кои лицата илегално влегувале во Велика Британија и САД, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во полициското соопштение се наведува дека се приведени девет лица, додека едно лице е пуштено на слобода. Полицијата во спроведената рација запленила опрема и работилница за производство на лажни италијански и грчки документи, додавајќи дека приведените им помагале на поединци во склучување брак со државјани на Бугарија, која е членка на Европската Унија.
Полицијата информираше дека фалсификуваните документи биле продавани за сума од 8.000 до 12.000 евра, а патувањето низ Италија, Малта, Косово или Хрватска, за да се избегне службен надзор, било посебно наплатувано.
Албанските државјани имаат право да патуваат без виза во земјите од ЕУ, но за заминување во Велика Британија и САД им е потребна виза.