Ekipa
27 Јули 2018•Ажурирај: 28 Јули 2018
АТИНА (АА) - Во шумските пожари, кои се со најголеми последици забележани во неодамнешната историја на земјата, загинаа најмалку 85 лица, а над 170 беа повредени. Голем број луѓе сè уште се водат како исчезнати, давајќи им надеж на нивните блиски дека можеби не се меѓу жртвите, јавува Anadolu Agency (AA).
Еден постар човек, стоејќи пред неговата куќа, користеше градинарско црево да го расчисти она што останало од неговата куќа по смртоносните пожари што се случија во понеделникот во Грција.
„Целата куќа е запалена, овде живеам со години. Јас сум пензиониран, а моите деца сега имаат свои семејства“, изјави за Anadolu Agency (AA) Димитрис, кој е во доцните 70-ти години.
Околината потсетува на подрачје погодено од војна, црни згради, уништен бетон, и чад кој излегува од она што пред некое време беше влез за во куќа.
Она што некогаш беше колоритно опкружување сега е само во црно-бела боја. Стопените апарати за домаќинство ни посочуваат дека пред некој ден тоа било кујна.
Се чувствува топлината додека одите во градината на куќата. Миризбата на изгорена пластика и материјал е силна, но позабележлива беше миризбата на изгорено месо. Меѓу жртвите имаше и неколку мали деца, меѓу кои и 6-месечно бебе.
„Се надевам дека државата ќе ни компензира за штетата, како ќе го повратиме нашиот живот од почеток, на оваа возраст“, промрморе, додека солзите се спуштаа по неговото лице.
„Јас и сопругата сме живи... но погледнете наоколу колкумина ги изгубија своите фамилии“, рече тој.
Тагата и болката е врежана на лицата на луѓето. Некои се гневни поради недостатокот на координација што резултираше со голем број жртви.
Катерина Папаставроу, жителка во своите 50-ти години која живее во Кокино Лиманаки во Мати, подрачјето каде што имаше најголема загуба на животи и каде што властите ги открија јагленисаните тела на 26 деца, жени и мажи, беше гневна поради недостатокот на координација од страна на властите.
„Никој не ни даде правилни насоки што да правиме, ги оставија луѓето да изгорат живи“.
„Луѓето изгореа или во своите куќи или во автомобилите“, рече Катерина додавајќи: „Тие беа заробени и блокирани, и изгореа живи обидувајќи се да избегаат од тој пекол“.
Некои останаа надвор од нивните изгорени куќи, стоејќи и размислувајќи колкава среќа имаат што го преживеаја пожарот.

- Опустошување на животната околина
Загубата на човечките животи не беше единствениот тажен исход од оваа трагична катастрофа. Стотици животни, исто така, беа заробени во пламенот и изгореа живи. Кучињата и мачките што ги оставија сопствениците, исто така, се соочија со истиот трагичен крај.
Изгорени желки и трупови на диви животни се распространети по тлото.
Познатото грчко одморалиште Мати, подрачје покриено со борова вегетација на 29 километри источно од главниот град Атина, е целосно уништено од пожарите кои започнаа во понеделникот.
Според градоначалникот на Рафина, во пожарите уништени се над 1.000 домови и 300 автомобили.
Во интервју, грчкиот министер за одбрана и лидер на коалицијата Независни Грци, Панос Каменос, вчера изјави дека виновник за најголемата катастрофа во Грција во поновата историја се нелегално изградените имоти.