Furkan Naci Top,Mehmet Hatipoğlu
23 Ноември 2016•Ажурирај: 23 Ноември 2016
АТИНА (АА) - По претседателската кампања во САД против бегалците и мигрантите, и победата на кандидатот Доналд Трамп, голем број земји на ЕУ, поради економската криза во која се наоѓаат и кризата со бегалците, подготвуваат платформи во кои е забележан раст на расизмот, што би можело да предизвика сериозни проблеми. Една од партиите во Грција што користи таков концепт е и екстремно десничарската „Златна зора“, која поради економската криза и проблемот со бегалците, добива голема поддршка.
Покрај расистичките и исламофобни говори, „Златна зора“ со својот став против ЕУ излезе во преден план, и во Парламентот е трета партија по големина. По победата на Трамп во САД, „Златна зора“ даде изјава во која вели дека победата на новоизбраниот американски претседател е победа против илегалната миграција во етнички чисти држави.
- „Сериозна закана“ -
Адвокатот Илхан Ахмет, кој е пратеник на партијата „Потами од Родоп“ во грчкиот Парламент, во разговор со дописникот на АА изјави дека во последно време, во земјите-членки на ЕУ, во подем се расистичките движења коишто водат непријателска политика кон бегалците, странците и муслиманските заедници, што се рефлектира и во Грција.
Пратеникот Ахмет истакна дека партијата „Златна зора“ во последно време ги зголемува своите активности, искористувајќи ја економската криза во земјата и проблемите со бегалците. „’Златна зора’ е во подем благодарение на економската криза и три мандати е застапена во Парламентот. ‘Златна зора’ во овој момент, на секој начин се обидува во своја полза да го искористи проблемот со бегалците“, изјави пратеникот Ахмет.
Пратеникот Ахмет нагласи: „Нивна цел е со изборот на пратеник да се зголемат активностите на христијанското население. Можното спроведување на вакво нешто ќе го наруши мирот и длабоко ќе делува на единството во подрачјето. Ова сериозно треба да се земе предвид, бидејќи тоа претставува сериозна закана“.
И новинарот-писател Дамон Дамианос рече дека поради зголемениот пораст на расизмот во Европа и антиисламските движења, Европа се оддалечува од човечките вредности, што е резултат на постојаното повлекување чекор назад пред исламофобијата.
Дамианос, кој ја критикува денешната конзервативна политика на Европа, истакна дека Европа што денеска ја изразува својата загриженост од изборот на Трамп за претседател на САД, во минатото ги вложувала сите свои напори за етаблирање на менталитетот на Трамп.
„Ваквата политика, како што е британскиот Брегзит, ‘Златна зора’ во Грција, екстремно десно ориентираниот претседател во Австрија и порастот на расистичките партии во Германија, ориентирани непријателски кон странците и кон исламот, резултираат со ширењето на таа политика во Источна Европа. Речиси на целиот европски континент преовладува страв и социјална несигурност“.
- „Во гласовите има мал, но постојан пораст“ -
Генералниот директор на Фондацијата за европска и надворешна политика (ЕЛИАМЕП), Тханос Дакос, зборуваше за бегалската криза и затоварот што во тие рамки го носи грчката Влада. Тој истакна дека се создава незадоволство кај народот во земјата и додаде: „Во вакви ситуации, атрактивни се партиите што се против системот и популистичките партии“.
Дакос смета дека и покрај бегалската криза и економските проблеми, нема значителни промени во нивото на гласови на партијата „Златна зора“, но предупреди дека доколку се изврши промена на „релативно примитивното“ раководство, тогаш како што тоа се случи во Франција со Националниот фронт, можни се промени, бидејќи со изработката на нова платформа, ќе се обидат да го зголемат бројот на своите приврзаници.
Аналитичарот на Центарот за истражување и политички анализи „Премостување на Европа“ (Bridging Europe) и советник на партијата СИРИЗА, Димитрис Рапидис изјави: „Според анкетите што ги спроведовме, кај партијата ‘Златна зора’ во споредба со минатата година се забележува мал, но постојан пораст на гласовите“.