Husamedin Gina
03 Јуни 2020•Ажурирај: 04 Јуни 2020
СКОПЈЕ (АА) – Владата на Северна Македонија, поради зголемениот број на ново дијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјата, согласно препораките на Комисијата за заразни болести, со цел брза и ефикасна реакција за спречување на ширењето на коронавирусот, донесе одлука за враќање на полицискиот час, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од утре, четврток (4 јуни) од 21:00 часот, до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот наутро, во Скопје – сите скопски општини, општините Куманово, Липково, Штип, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, се воведува забрана за движење.
На редовната прес-конференција министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, соопшти дека Комисијата за заразни болести во своите анализи евидентирала дека има големи прекршувања на мерките донесени за Ковид-19, како групирање на семејни прослави и неносење на заштитна опрема.
Затоа, како што рече министерот Филипче, Владата донела одлука за враќање на забраната за двжижење.
„Се воведува целосна забрана за движење во Скопје со сите скопски општини, Куманово, Липково, Штип, Тетово, како и во Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, почнувајќи од четврток (4 јуни) во 21 часот до понеделник (8 јуни) до 5 часот наутро“, нагласи Филипче.
Во сите други градови, според министерот Филипче, полицискиот час ќе трае од четврток (4 јуни) од 21 часот до петок (5 јуни) до 5 часот наутро. Во петок, сабота и недела полицискиот час ќе почнува од 16 часот и ќе трае до следниот ден до 5 часот наутро.
Министерот исто така нагласи дека во периодот од четврток од 21 часот до понеделник 8 јуни до 5 часот се забранува посета на гробишта на територијата на цела држава, освен во случај на погреби.
„Се надевам дека конечно и на последните скептици ќе им стане јасно дека вирусот не е шега. Вирусот нема да замине додека сите не прифатиме дека преставува закана за секој кој не ги почитува мерките за заштита“, рече министерот Филипче.
Тој исто така додаде дека и покрај речиси сто прес-конференции и апели еден дел од граѓаните сè уште одбиваат да ја прифатат реалноста дека одговорноста е на секој поединец.
Во Северна Македонија во последните 24 часа беа регистирирани 101 нови случаи на коронавирусот (Ковид-19) со што вкупната бројка на случаи со овој вирус во земјата се искачи на 2.492. Починаа 4 пациенти, со што вкупната бројка на смртни случаи од почетокот на епидемијата се искачи на 145.