СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Паркинг-просторот е еден од најголемите проблеми на граѓаните во главните градови во земјите од регионот, бидејќи, како што се зголемува бројот на жители, така се зголемува и бројот на автомобили и другите превозни средства, што го отежнува сообраќајот, но дополнително, создава и проблем за обезбедување на потребните паркинг-места.
Новинарите на Anadolu Agency (AА) истражуваа со колку паркинг-места располагаат главните градови на Македонија, Албанија и Косово, но исто така, како се движат и цените за паркинг-местата. Податоците покажуваат дека градовите во регионот се соочуваат со недостиг на паркинг-простор, а дека Приштина во однос на Скопје и Тирана има пониска цена за користење на паркинг-просторот, додека Скопје и Тирана имаат приближно иста цена на чинење која треба да се плати за користење на паркинг-просторот.
Во главниот град на Македоније, Скопје, постојат јавни претпријатија кои нудат зонско паркирање, паркинзи со рампи и гаражи, но исто така, и неколку приватни катни гаражи и паркинзи во рамки на трговските центри низ градот.
- Во Скопје девет возила на едно паркинг-место
Со паркинг-просторот во главниот град стопанисуваат јавните претпријатија „Градски паркинг - Скопје“ и „Паркинзи на Општина Центар“, како и едно државно станбено претпријатие.
Вкупно сите заедно, имаат над 16.500 обележани паркинг-места во Скопје. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во 2016 година на територијата на град Скопје и општините, биле регистрирани вкупно 176.981 возило, од кои 151.098 автомобили, што всушност значи дека за секое паркинг-место има по девет регистрирани возила.
Во зависност од местото и од зоните за паркирање, цените за паркинг-местата се различни, а се движат од 25 до 100 денари по час во строгиот центар на градот.
Во однос на регулирањето на паркинг-просторот, интересно е да се наведе дека закупувањето на паркинг-просторот се врши според регистарските ознаки на возилото, што во одредени деловни објекти придружени со паркинг создава проблем, со оглед на тоа што оние што го купуваат паркинг-просторот го користат за едно возило, без оглед на регистарската ознака на возилото. Во случај на промена на регистарските ознаки или промена на возилото, корисникот повторно треба да плати надомест за ист паркинг-простор, иако веќе претходно платил.
Освен паркинг-просторот на територијата на градот, и Меѓународниот аеродром - Скопје располага со сопствен паркинг-простор: 1.200 обележани места за автомобили и 6 обележани места за автобуси. Неколкуминутното задржување на паркинг-просторот е бесплатно, за еден час паркинг-простор се плаќа 80 денари за час (1,3 евра), за два часа 100 денари (1,6 евра), за 24 часа 600 денари (9,8 евра), додека за месечната претплата за паркинг-простор на аеродромот потребно е да се издвојат 3.000 денари (49 евра).
- Најниската цена на паркинзите во Тирана е 0,8 евра за 1 час
Цените на паркинзите во Тирана имаат највисока цена за паркирање на возилата, а во главниот град цената се менува според зоните или трговските центри. Цените на главниот град се движат од 0,8 евра за 1 час до 6,4 евра за 8 часа. Тарифите се менуваат и во другите градови во земјата, но се поевтини од Тирана, односно од 0,8 евра за 1 час до 1,2 евра за 8 часа.
Највисоките цени се особено на аеродромот, трговските центри во Тирана и паркинзите управувани од страна на Општина Тирана.
На аеродромот „Мајка Тереза“ во Албанија, тарифите на паркирањето на возилата се менуваат според времето на престојување, и според посебните зони наменети за паркинзи. Тие главно се 1 евро (1 час), 5,8 евра (12 - 24 часа) и 8 евра (30 - 60 минути за зоната пред зградата на терминалот). Во зоната пред зградата на терминалот бесплатно е само престојувањето до 4 минути, додека во другите зони до 7 минути.
Јавните паркинзи во центарот и покрај центарот на Тирана нудат цени од 0,8 евра (1 час) до 6,4 часа (8 - 12 часа), односно на „Новиот булевар“, и на плоштадот „Скендербег“, двете со околу 628 места за паркирање. На приватни паркинзи, особено во трговските центри, цената е највисока, и тоа од 0,8 евра (1 час) до 9,6 евра (24 часа).
Во приватните паркинзи во зоните далеку од центарот и во периферијата на главниот град има поевтини тарифи, кои се движат од 0,8 евра (1 час) до 1,6 евра (8 часа). По завршување на престојот од 8 часа, почнува да се применува повторно истата тарифа.
- Приштина се соочува со недостиг на јавни паркинзи - приватните се движат од 50 евроценти до 1 евро за секој час
Во Приштина јавните паркинзи, особено оние што се во јавна сопственост, во близина на зградите или објектите се бесплатни, а на главниот град му недостига еден доволен простор и организација на малите хаотични паркинзи.
Граѓаните на Приштина и тие кои доаѓаат однадвор обично ги користат приватните паркинзи, каде што цените се движат од 50 евроценти до 1 евро за секој час, врз основа на блискоста со центарот на градот. Цените приближно се движат и во другите градови во Косово.
Другите паркинзи во трговските центри се исто така бесплатни, додека на аеродромот „Адем Јашари“ во Приштина, првите 15 минути на паркирањето се бесплатни, а првите 2 часа се 2 евра, и достигнуваат до 8 евра за 24 часа.
Со цел соочување со недостигот на паркинзите во Приштина, јавното претпријатие „Приштина паркинг“, основано пред неколку години, има за цел регулирање на 4.000 паркинзи и подобро управување на просториите за собирање на приходи.
Пред неколку месеци, Општина Приштина го презентираше и подземниот проект во центарот на градот, кој се смета за еден од најголемите проекти во главниот град кој ќе се гради меѓу јавно приватно партнерство. Овој паркинг, кој се планира да има капацитет од 500 до 900 возила, се очекува да помогне во решавање на проблемот на паркинзите во Приштина, но сѐ уште не се знае кога ќе започнат работите за изградба.