Derya Gülnaz Özcan,Barış Seçkin
02 Декември 2022•Ажурирај: 03 Декември 2022
АТИНА (АА) - Во Грција е запалено возилото на италијанската дипломатка Сузана Шлајн, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Грчките медиуми соопштија дека возилото на италијанската дипломатка било опожарено додека било паркирано во гаражата до станот.
Во вестите се вели дека возилото целосно изгорело и дека на местото на настанот имало шишиња и кибритчиња заедно со запалива материја, и дека е оштетено уште едно возило.
Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Антонио Тајани, преку Твитер го осуди овој напад. Тој нагласи дека нападот бил насочен кон возилото на Сузана Шлајн, првата секретарка во Италијанската амбасада во Атина.
„Разговарав со неа по телефон за да ја изразам мојата поддршка“, додаде Тајани.
Тој нагласи дека за време на денешната посета на Атина ќе ја посети и Италијанската амбасада.
Италијанското Министерство за надворешни работи преку објава на Твитер најостро го осуди обидот за подметнување пожар.
„Ја изразуваме нашата солидарност со персоналот на Италијанската амбасада во Атина и нашите колеги. Ги чекаме наодите на властите во врска со овој случај, кој претставува сериозно кривично дело“, се вели во соопштението на Министерството.