Mehmet Hatipoğlu
12 Август 2021•Ажурирај: 13 Август 2021
КОМОТИНИ
Грција продолжува да се бори со шумските пожари кои избија во шумските и руралните средини, а акциите на гаснење се продолжени и денеска, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пожарникарите настојуваат да ги стават под контрола пожарите кои избија на островот Евија (Евбеја) и на полуостровот Пелопонез, а кои горат веќе девет дена.
Во тек се акциите на гаснење на пожарите од копно и од воздух во Парнитхас, Мандра и Аспропиргу, на Атика и подрачјата Лакониа и Аркадиа на Пелопонез, како и во регионот Касандара на полуостровот Халкидики.
Силниот ветер ги отежнува акциите на гаснење на пожарите.
Во борбата против пожарите помагаат и странските пожарникари, во согласност со постигнатите билатерални договори, тимовите на Европскиот механизам за цивилна заштита, војската, полицијата, локалните служби и граѓаните волонтери.
Во приправност се и екипите поради можноста за повторно да се разгорат пожарите во античкиот град Олимпија, на Пелопонез, како и Варипомбија и Дионисос, во близина на Атина, кои веќе се ставени под контрола.
Се работи на проценка на штетата предизвикана од пожарите.
Киријакос Мицотакис, премиерот на Грција, на прес-конференција изјави дека климатските промени во медитеранскиот базен се главна причина за пожарите во таа земја поради што земјите на тоа подрачје треба одблизу да соработуваат.
Тој истакна дека пожарите не се проблем само на Грција, туку дека многу земји во Медитеранот се соочуваат со слични катастрофи.
„Климатската криза е тука и ни кажува дека мораме сѐ да промениме. Мораме да донесеме храбри одлуки. Природата не прави грешки, луѓето ги прават“, смета Мицотакис.
Одговарајќи на прашањата на медиумите, тој изјави дека властите прават сѐ што е во нивна моќ, но дека во одредени подрачја тоа не е доволно.
Првите проценки укажуваат на тоа дека изгореле 750.000 дунуми шумска површина, а изгореле и повеќе од 1.000 објекти.