Fatjon Cuka
21 Септември 2019•Ажурирај: 22 Септември 2019
ТИРАНА (АА) - Во земјотресите што вчера ја погодија Албанија повредени се над 100 лица, кои побарале медицинска помош во болниците во Тирана и во Драч, јавува Anadolu Agency (AA).
Според официјалните податоци на Министерството за одбрана на Албанија, земјотресот што ја погоди оваа земја бил со јачина од 5,8 степени според Рихтер, а во земјотресот биле повредени 105 лица.
„Епицентарот е во Јадранско Море, 30 километри северно од Драч. Првиот удар беше проследен со неколку потреси, за среќа со помала јачина“, истакна за медиумите Олта Џачка, албанската министерка за одбрана.
Според Џачка, земјотресот предизвикал материјална штета, особено во Драч и Тирана, каде што се оштетени десетици згради.
Министерството за одбрана претходно соопшти дека овој земјотрес бил најмоќниот земјотрес во последните 20-30 години.
Министерството за здравство и социјална заштита на Албанија соопшти дека биле повредени 105 лица, кои добиле медицинска помош во болниците, а потврди дека меѓу повредените нема тешки случаи.
Во Тирана, граѓаните во паника на неколку минути ги напуштија станбените објекти и беа на отворено.
Во последните неколку години, Албанија ја погодија неколку земјотреси кои предизвикаа материјална штета.