Abdula Berısha
22 Јануари 2020•Ажурирај: 23 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Техничкиот премиер на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, заедно со министерот за здравство, Венко Филипче, ја посети новата операциона сала на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија на Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, јавува Агенција Анадолија (AA).
На пуштањето во употреба на новата операциона сала присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, вицепремиерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Садула Дураки, како и претставници на други институции од здравствениот сектор.
Техничкиот премиер Спасовски истакна дека новата сала не е најдобра само во земјата, туку и во целиот регион, и нагласи дека по 30 години се пушта во употреба нова сала.
„Вложувањено во здравството е врвен приоритет и така треба да остане и понатаму поради тоа што видовме што значи да немате слух за здравството, и што значи да немате слух за барањата на луѓето, да немате слух за тоа дека треба да се подобрат условите за работа на лекарите, на медицинскиот персонал“, рече Спасовски, додавајќи дека тоа придонело многу лекари да си заминуваат од државата.
Министерот Филипче рече дека новата сала ги задоволува највисоките светски стандарди, додавајќи дека таа ќе го зголеми обемот и квалитетот на услугите.
„Значајно ќе се зголеми квалитетот на услугите коишто пациентите ги добиваат на оваа клиника, со тоа што дополнително се зголемува и лежечкиот капацитет за некаде 30-ина проценти. Овде ќе се лекуваат пациенти на коишто им е потребен само краток престој во болницата“, рече Филипче.
Директорот на Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија, Неџати Јакупи, им се заблагодари на владините институции кои ја поддржаа неговата иницијатива, објаснувајќи дека местото каде што сега се наоѓа новата операциона сала претходно бил нефункционален простор.