Abdula Berisha
15 Јуни 2023•Ажурирај: 15 Јуни 2023
СТРУГА (АА) - Градот Струга годинава е домаќин на Преспа Форум за дијалог (ПФД), кој се одржува денес и утре, јавува Анадолу.
Форумот е во организација на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, а на него, покрај високи функционери од земјава, учествуваат и многу претставници од земјите од регионот и од светот.
Годинашниот Форум има посебно значење за земјата и за регионот, имајќи предвид дека на 17 јуни се одбележува петгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу Северна Македонија и Грција, со кој се реши спорот за името и се овозможи членство на земјата во НАТО.

Програмата на Форумот, меѓу другото, ќе опфати и дискусии за чувствителни регионални прашања, од европската политика и безбедност, европската интеграција на земјите од Западен Балкан, перспективите за зајакнување на регионалната соработка и добрососедските односи.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, под чие покровителство се одржува ова издание на ПФД, ќе учествува на панелот на свеченото отворање што ќе се одржи подоцна во текот на денот.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, утре ќе учествува на панел со претседателите на земјите од регионот. За време на Форумот се очекува видеообраќање да имаат и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Преспа Форум за дијалог е платформа создадена од Владата на Република Северна Македонија за да им овозможи на земјите, лидерите, организациите и граѓаните да градат долгорочни односи и да ги зајакнат партнерствата.