Besar Ademi,Sibel Vezaj
25 Јануари 2017•Ажурирај: 25 Јануари 2017
БРИСЕЛ/ПРИШТИНА (AA) – Заврши средбата на државните делегации на Косово и Србија во Брисел, која имаше за цел да се намалат тензиите меѓу двете земји по настанатата криза во меѓусебните односи поради случајот со возот и апсењето на поранешниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот со шефот на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, Косово беше претставувано од страна на претседателот Хашим Тачи и премиерот Иса Мустафа, а Србија од претседателот Томислав Николиќ и премиерот Александар Вучиќ.
Делегациите на двете земји остварија одделни билатерални средби со високиот претставник на ЕУ, Федерика Могерини.
Првата средба се одржа меѓу делегацијата на Србија, по што беше одржана средба и со делегацијата на Косово.
По заедничкиот состанок, претседателот на Косово, Тачи им се обрати на медиумите изјавувајќи дека состанокот не бил лесен, но дека е договорено почесто да се одржуваат состаноци на високо ниво, затоа што дијалогот нема алтернатива. Косовскиот претседател истакна и дека на Србија ѝ е ставено на знаење дека Косово е независна држава.
По состанокот, во изјава за локалната телевизија „Кохавизион“, премиерот Мустафа соопшти дека на средбата со претставниците на Србија во Брисел се согласиле да ги намалат тензиите што се создадоа во последно време, настанати поради случајот со возот, апсењето на Харадинај и ѕидот во Митровица.
Тој рече дека на состанокот побарал проблемите да се решаваат со дијалог.
Мустафа, исто така, истакна дека тие за дијалогот имаат потреба од поддршка на опозицијата и изрази подготвеност да разговара со кого било за да се најде подобро решение за поуспешен процес.
Мустафа изјави дека на средбата немало преговори во врска со ѕидот во Митровица, освен тоа што најави дека: „... доколку ѕидот не го урнат оние што го направиле, ќе го урнеме ние“.
Од друга страна, премиерот на Србија, Александар Вучиќ оцени дека не памети толку тежот состанок. И тој истакна дека е договорена серија на состаноци на највисоко ниво.
Претседателот на Србија, Томислав Николиќ, во изјава за државната телевизија на Србија, РТС, по средбата со Могерини истакна дека смета оти е многу тешко Белград и Приштина да постигнат договор.
По билатералната средба, делегациите на двете страни заедно со високиот претставник на ЕУ присуствуваа на работна вечера.