Furkan Naci Top
22 Февруари 2017•Ажурирај: 22 Февруари 2017
АТИНА (АА) – Изградбата на џамијата во Атина се очекува да заврши и да биде предадена во употреба кон крајот на месец април, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите до кои дојде АА преку изведувачот на работите, изградбата на џамијата што започна во ноември, ќе биде завршена во наредните два месеца.
Работата оди според планот, а скелетната реконструкција на џамијата е веќе при крај. Се очекува во рок од околу една недела да се премине на работите на внатрешната структура и на електричната инсталација.
Одлуката за изградба на џамијата во еден напуштен воен камп во населбата Вотаникос, кој ѝ припаѓа на командата на поморските сили, беше донесена од страна на грчкиот Парламент во август. Изградбата на џамијата која е во тек, беше преземена од страна на четиричлен конзорциум.
- Нема да има минаре -
Џамијата ќе биде со површина од околу 850 квадратни метри и со капацитет од 350 луѓе, а нема да има минаре. Според планот, џамијата ќе има парк за деца и еден летниковец. Буџетот одвоен за џамијата изнесува 887.000 евра.
Атина е единствениот главен град во Европа во кој нема џамија отворена за верски обреди. И покрај тоа што беше донесена одлука, изградбата на џамијата не можеше да започне поради одолговлекувањето на бирократските процеси, правните пречки и реакциите на екстремно десничарскиот табор.
Според моменталниот план, првата одлука за изградба на џамијата беше донесена во 2006 година.
По изградбата, раководењето со џамијата ќе биде предадено на одбор составен од претставници на муслиманските заедници и двајца вработени во општината, кои ќе бидат избрани од Министерството за образование и верски прашања на Грција.
Муслиманите во Атина своите верски обреди ги извршуваат во подземни простории за молење, кои ги формирале според сопствените можности.
По отворањето на џамијата, околу 70 вакви места за молење во Атина ќе бидат принудени да извадат дозвола.