Besar Ademi
03 Март 2016•Ажурирај: 03 Март 2016
ГЕВГЕЛИЈА (АА) - Од раните утрински часови македонската граница е целосно затворена за бегалците, додека од грчката страна, каде што според полициските сили чекаат над 10 илјади бегалци кои сакаат да ја поминаат границата, во знак на протест ја блокираа меѓународната железничка линија која што ја поврзува Грција со Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Поради блокадата на меѓународната железничка линија, на граничниот премин околу 3 часа е блокиран товарен воз, што исто така го спречува редовното поминување на бегалците на територијата на Македонија.
На грчката страна чекаат околу 10 илјади бегалци кои сакаат да ја преминат границата а ситуацијата во прифатниот центар во Идомени е влошена. Тие чекаат во долги редици од неколку километри за да добијат храна или медицински третман.
Додека на илјадници бегалци на грчката страна им е ограничена храната и другите медицински и хигиенски потреби, на македонска страна се наоѓаат само мал број на бегалци кои ја преминале границата ова утро.
Тие после десетици дена чекање за премин на границата, беа изненадени од условите обезбедени на македонската страна од границата во однос на грчката страна.
Кемал од Сирија, кој чека две недели да ја премине грчко-македонската граница, ова утро успеа да влезе на територијата на Македонија. Тој истакна дека условите за живот на грчката страна се мизерни, а од македонска страна се исклучително добро примени.
„Во Идомени ситуацијата е многу тешка. Кампот е пренатрупан и илјадници луѓе чекаат да добијат храна. Се чека најмалку четири часа за да се добие малку храна. Во кампот во Гевгелија условите се многу подобри, ни обезбедуваат сè што ни е потребно, вклучувајќи кафе и чај”, рече Кемал.
Teмам, бегалец од Ирак, кој исто така ја преминал границата ова утро, во Грција останал повеќе од 10 дена.
„Во Идомени се наоѓаат 12 илјади луѓе и живеат во многу лоши услови. Во Идомени требаше да чекаме три часа за да добиеме храна, но штом дојдов во Македонија, веднаш ми понудија храна. Во Идомени немавме тоалет или купатило, тука имаме сè што ни треба”, рече тој.
Координаторката на УНХЦР на јужната граница на Македонија, Барбара Клози, соопшти дека состојбата со бегалците во Гевгелија е во ред, освен за околу 120 бегалци кои се вратиле од Табановце поради проблеми со документите и чекаат пред влезот на кампот.
„Минатиот воз со околу 450 бегалци тргна во 3 часот наутро и стигна во Табановце во 7 часот. Ситуацијата во прифатниот центар во Гевгелија е мирна, а бројот на бегалци е мал. Сега засега на сите бегалци им се обезбедуваат потребите навреме. Единствениот проблем има со 120-те бегалци од Ирак кои се вратиле од Табановце и чекаат за да се донесе одлука дали ќе се вратат во Грција или ќе им се овозможи да го продолжат патувањето”, рече Клози.
За разлика од јужната граница на Македонија на северната граница се наоѓаат околу илјада бегалци кои чекаат влез на територијата на Србија и ситуацијата во кампот е тешка.
Македонските власти продолжуваат да ја одржат истата состојба со бројот на бегалците кои ќе бидат прифатени во земјата, која зависи од другите држави на „Балканската рута”.