Zylfıje Adem Jakupı
17 Февруари 2020•Ажурирај: 18 Февруари 2020
ПРИШТИНА (АА) - По повод 12-годишнината од прогласувањето независност на Република Косово, претседателката на Собранието на Косово, Вјоса Османи и премиерот Албин Курти денеска ги посетија припадниците на Косовските безбедносни сили (КБС) во касарната „Адем Јашари“ во Приштина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обраќајќи се на војниците и офицерите на КБС, премиерот Курти изјави дека Косово без војската и одбраната е слабо и дека воената служба не се спроведува за да се владее со другите земји, туку да се одбрани секој агол на сопствената земја.
„Ќе работиме на создавање нови сојузи и унапредување на процесот на членство во НАТО и ЕУ што е можно побрзо. Членството во НАТО е приоритет, поради што вложувањето во Безбедносните сили е од суштинско значење за да станеме достоинствен партер. Интеграцијата во ЕУ е долг и напорен пат, но оној кој нѐ зајакнува“, изјави тој.
Курти изјави и дека униформата која ја носат и задачите кои ги извршуваат припадниците на КБС се олицетворение на националната жртва и потсети дека е горд на она што го направија за да ѝ помогнат на Албанија по катастрофалниот земјотрес на крајот на минатата година.
Претседателката на Собранието, Вјоса Османи, истакна дека косовската армија е резултат на борбата за слобода, на отпорот од целата нација, крвта на мачениците и трајното пријателство со Соединетите Американски Држави (САД), кое како стратешка мисија ја иницира историскиот претседател, д-р Ибрахим Ругова.
„Косово одбележува 21 година слобода и 12 години државност и никој подобро од народот на Косово не ја разбира во срцевината важноста на живеењето во слободна и безбедна земја, каде што политичките и граѓанските слободи се загарантирани на сите, без разлики. Нашите девојки и момчиња во униформа се професионално образовани и обучени, обучени по највисоките стандарди на земјите на НАТО и подготвени се да се соочат со предизвиците и евентуалните потреби. Како сопруга на војник, гордо ја држам униформата на нашите сили во нашиот дом, секогаш свесна за жртвата која ја дадовте да служите на земјата“, изјави Османи.
Таа додаде дека косовските безбедносни сили ќе се консолидираат како професионална воена сила што соработува со воените сили на НАТО и дека како такви се веќе подготвени да придонесат за мировните операции во странство во целосно партнерство и координација со НАТО.
Денеска, со низа манифестации, Косово го одбележува 17 февруари - Денот на независноста. Се одржа свечена седница на косовското Собрание, при што највисоките државни официјални лица, премиерот Албин Курти и претседателката на косовското Собрание, Вјоса Османи, оддадоа почест во Меморијалниот центар „Адем Јашари“ во Преказ, како и на гробовите на првиот косовски претседател Ибрахим Ругова и долгогодишниот албански борец за права, Адем Демаќи, во Приштина.