Husamedin Gina
11 Февруари 2019•Ажурирај: 12 Февруари 2019
СКОПЈЕ (AA) – Министерот за економија на Република Македонија, Крешник Бектеши, и министерот за економски развој на Косово, Валдрин Лука, денеска во Скопје го потпишаа меморандумот за разбирање во енергетскиот сектор меѓу двете министерства, јавува Anadolu Agency (AA).
По работниот состанок меѓу делегациите на Македонија и Косово, Бектеши и Лука одржаа заедничка прес-конференција.
Министерот Бектеши истакна дека денес потпишаниот меморандум за соработка ќе биде предуслов или почеток за да се аплицира заедно со косовската страна за грантови од европските финансиски институции, сè со цел двете земји да се поврзат со гасификацијата.
„Да ја искористам приликата да ве информирам дека во тек е проекцијата на трасата што се однесува на интерконекцијата со Грција, значи ние како Македонија работиме во неколку насоки сè со цел во регионот да се поврземе меѓу државите, што е и еден предуслов што се однесува од Европската Унија, што го бара од шесте западни балкански земји“, нагласи Бектеши.
Бектеши, исто така, рече дека со делегецијата на Косово разговарале и за продлабочување на соработката меѓу ЕЛЕМ и косовската КЕК и за градбата на делницата Скопје – Блаце, која ќе ја олесни комуникацијата меѓу граѓаните на двете држави.
Министерот за економски развој на Косово, Валдрин Лука, наведе дека балканските земји ја интензивираат соработката во однос на енергетскиот пазар како што се гасификацијата, инвестирање во заедничка конекција, трансмисија и производство на енергетски ресурси.
„Во однос на гасификацијата постои една стара траса од времето на поранешна Југославија помеѓу Македонија и Косово, којашто е надвор од функција актуелно, меѓутоа со грант и буџетски средства би можела да се реактивира. И сметаме дека тоа би било најефикасниот и најевтиниот начин на поврзување, односно изградба на гасовод помеѓу Македонија и Косово“, рече Валдрин Лука.
Валдрин Лука, исто така, истакна дека Македонија поради конекцијата со Бугарија и Грција има голем принос на гас, и поради тоа има можност од тој гас да се снабдува и Косово.
„Македонија со конекцијата со Бугарија и Грција ќе има голем принос на гас и само една третина од таа количина ќе ја искористи за внатрешни потреби. Поради тоа ќе биде потребно истиот тој капацитет, таа количина на гас, да се пласира и надвор од нејзините граници. Во оваа насока и Косово има потреба за гас и се гледа можност со таа количина на гас да се снабдува и Косово особено во зимскиот период, во периодот на греење“, нагласи Бектеши.
Тој истакна дека на денешната средба разговарале и за таканаречениот едношалтерски систем на границата, односно да има една контролна точка на границата меѓу Косово и Македонија. Тој најави дека автопатот на косовска страна ќе биде целосно пуштен во употреба за три месеци.