Furkan Abdula
11 Февруари 2019•Ажурирај: 12 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) – Во Македонија почина уште едно дете како последица на морбили, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Министерството за здравство за АА потврдија дека синоќа 13-месечно дете од Тетовскиот Регион почина поради влошување на здравствената состојба како резултат на морбили.
Исто така, од Министерството истакнаа дека овој смртен случај е трет по ред како последица на болеста за која станува збор, во последните 10 дена.
Од Министерството велат дека епидемија е прогласена првин во скопско Радишани, а потоа во Скопје и тоа од 19 декември минатата година.
„Досега од морбили се заболени околу 219 лица. Во моментот има 26 лица кои лежат во Одделението за инфективни болести“, нагласија од Министерството за здравство, и додадоа дека бројката е менлива бидеќи постојано се појавуваат нови случаи.
„Mинистерството прво прогласи епидемија што е многу важно, ги затвори градинките за да не се шири болеста, трето повика на масовна вакцинација на децата кои не се вакцинирани од морбили и на здравствените работници. Ова се првите мерки кои ги презедовме како Министерство за да се спречи епидемијата“, истакнаа од Министерството.
Од Mинистерството за здравство информираа дека Комисијата за заразни болести во моментот има состанок и ќе излезе со бројни заклучоци и препораки до населението.