Admir Fazlagic
14 Март 2020•Ажурирај: 14 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Во Северна Македонија засега нема нови случаи на заболени од коронавирус (Ковид-19), а денес се очекува на Клиниката за инфективни болести во Скопје да бидат донесени четворицата пациенти од Дебар кај кои претходно беше потврдена болеста, меѓу кои е и 15-годишно момче, соопшти министерот за здравство Венко Филипче, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, на прес-конференција информираше за актуелната состојба со коронавирусот во земјата.
Тој рече дека на Клиниката во Скопје и натаму остануваат на лекување осум заболени пациенти, еден од Скопје и седуммина од Дебар. Според Филипче, дополнително е влошена состојбата на една пациентка, која е на апарат за вештачко дишење и на соодветна терапија.
Според информациите што ги соопшти министерот Филипче, првата пациентка кај која беше потврдена болеста е целосно излекувана и в понеделник ќе биде отпуштена од болница.
Како што рече министерот Филипче, во моментов за коронавирус се тестираат седум лица, шест од Дебар и еден странец за кој тестирањето е преку Центарот за јавно здравје во Битола. Ќе бидат тестирани уште две лица кои биле во Шпанија и се пријавиле дека имаат покачена телесна температура.
Исто така, министерот Филипче на прес-конференцијата најави дека попладне ќе предложи до Управувачкиот комитет целосно да се затворат моловите и другите помали трговски центри, како мерка против ширење на коронавирусот.
Вкупната бројка на лица во Северна Македонија кај кои е потврден коронавирусот е 13, од кои една пациентка е излекувана.
За последните четири случаи кај кои е потврден коронавирусот вчера информираше министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче. Тој рече дека се работи за лица од Дебар.
Владата вчера донесе одлука за воведување кризна состојба во Дебар и Центар Жупа, а претседателот на државата, Стево Пендаровски, донесе одлука за ангажирање на Армијата за поддршка на локалната самоуправа во Дебар и Центар Жупа и поддршка на полициските сили на Министерството за внатрешни работи (МВР) во обезбедување на дел од државната граница со Република Албанија на територијата на Општина Дебар.
Времетраењето на активноста и ангажирањето на силите и капацитетите на Армијата ќе биде од 13.3.2020 до 11.4.2020 година.