Melike Pala
01 Октомври 2026•Ажурирано: 01 Октомври 2026
Висок претставник на ОН денес предупреди дека продолжувањето на нарушувањето на транспортот на ѓубрива низ Ормускиот Теснец би можело да има сериозни последици врз безбедноста на храната, повикувајќи ги засегнатите страни да покажат политичка волја неопходна за овозможување ограничен транзит, јавува Анадолу.
Жорж Мореира да Силва, потсекретар на ОН и шеф на Работната група на ОН за Ормускиот Теснец, пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент во Брисел изјави дека нарушувањето на бродскиот сообраќај низ овој стратегиски воден пат веќе влијае врз глобалната енергетска и прехранбена безбедност.
„Важно е да се фокусираме на последиците од неактивноста, тие се трагедија за земјите во развој“, рече Мореира да Силва, нагласувајќи дека некои од земјите што најмногу зависат од снабдувањето со ѓубрива од Заливот се меѓу најранливите економии во светот.
Како примери ги наведе Судан, Сомалија, Мозамбик и Танзанија, велејќи дека нивната зависност од ѓубрива од заливот изнесува меѓу 50% и 60%.
Според Мореира да Силва, кризата веќе предизвикала нагло зголемување на цените на ѓубривата и намалување на нивната употреба, што би можело да ја намали земјоделската продуктивност и на крајот да ја влоши несигурноста во снабдувањето со храна.
Мореира да Силва рече дека ОН развиле механизам чија цел е да овозможи транспортот на ѓубрива да минува низ Ормускиот Теснец додека продолжуваат пошироките преговори за непречено пловење.
Тој нагласи дека предлогот нема цел да го замени непреченото пловење или да служи како алтернатива на сеопфатно политичко решение.
Наместо тоа, тој би овозможил привремено и исклучително решение за спречување хуманитарна криза, рече тој.
Според предложениот механизам, бродските агенти би регистрирале барања за транспорт на ѓубрива. По одобрувањето, ОН би ја олесниле координацијата за избегнување инциденти со страните во конфликтот и со другите релевантни држави и би им обезбедиле на бродовите безбедна маршрута.
Тој го опиша предлогот како механизам за „градење доверба“, наменет да овозможи ограничен број пратки со ѓубрива додека продолжуваат пошироките преговори.
Мореира да Силва рече дека предлогот добил широка поддршка од земјите членки на ОН, но дека ОН сè уште го немаат потребниот мандат од двете страни во конфликтот.
Тој рече дека и натаму еднаш неделно разговара со Иран, САД и земјите од заливот во обид да се постигне договор.
„Ни требаат седум дена за да ги распоредиме набљудувачите на терен и да обезбедиме транзит на ѓубривата … Ние сме подготвени, но сè уште зависиме од политичката волја на страните“, рече Мореира да Силва.