Adel Omeragic
19 Април 2018•Ажурирај: 20 Април 2018
ПОДГОРИЦА (АА) - Преговорите на Црна Гора со Европската унија се одвиваат добро и вратите на ЕУ се отворени за Црна Гора, соопшти денеска во Тиват, Федерика Могерини, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, кој е во официјална посета на оваа земја.
Могерини за време на состанокот со црногорскиот премиер Душко Марковиќ рече дека Црна Гора постигна напредок кога станува збор за економијата и јавната администрација, но дека простор за напредок има и во областа на медиумите и владеењето на правото, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето до медиумите, европската претставничка уште еднаш ја повика црногорската опозиција да се врати во парламентот и да стави крај на бојкотот.
„Вратите на ЕУ ви се отворени, преговорите се одвиваат добро, патот е добро означен. Видовме напредок, особено во областите на јавната администрација и економијата. Ние знаеме колку е тоа важно за граѓаните. Ние се радуваме и на напредокот во други области. Во некои области идентификувавме потребата за понатамошен напредок, особено во областа на медиумите и владеењето на правото. Сакам да ја повторам пораката што ја реков последен пат кога дојдов во Црна Гора, дека може да се најде решение за моменталниот бојкот на парламентот од страна на опозицијата", рече Могерини.
Таа, исто така ја пофали Црна Гора дека ја следи политиката на ЕУ кога е во прашање надворешната политика.
„Тоа покажува дека подеднакво размислуваме, дека сме на иста фреквенција", рече Могерини.
Таа ја пофали демаркацијата меѓу Црна Гора и Косово.
Црногорскиот премиер Душко Марковиќ рече дека Западен Балкан напредува и дека европската перспектива на Балканот е јасна и сигурна.
„Сега останува земјите-кандидати да направат сé за да ги исполнат сите обврски и да создадат предуслови за приклучување кон ЕУ. Црна Гора во Извештајот за напредокот е оценета како земја која добро напредува на патот кон европска интеграција, имаме постигнато нов напредок, но во извештајот се констатирани одредени слабости кои ние треба да ги направиме. Сакам особено да го нагласам фактот дека овој извештај дава препорака за отворање на преговорите на Македонија и Албанија", рече Марковиќ.
Тој посочи дека кога станува збор за Извештајот за Црна Гора, Владата ги забележа недостатоците и слабостите кои беа подвлечени.
„Верувам дека во 2018 година ќе се отворат преостанатите три поглавја од преговорите, да направиме се за да ги исполниме привремените мерила за поглавјата 23 и 24 и влеземе во следната фаза од преговорите, што вклучува затворање на поглавј", рече Марковиќ.
Могерини денеска се состана со новоизбраниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ.
Како дел од посетата на Западен Балкан, Могерини денеска ќе ја посети Србија.