Dzihat Aliju,Fatjon Cuka,Agim Sulaj
13 Мај 2021•Ажурирај: 14 Мај 2021
СКОПЈЕ (АА) - Централниот настан по повод празникот Рамазан Бајрам во Северна Македонија беше организиран во џамијата Мустафа Паша во главниот град Скопје, под покровителство на Исламската верска заедница (ИВЗ), јавува Анадолу Агенција (АА).
Историската џамија Мустафа Паша беше полна со граѓани кои дојдоа да ја извршат бајрамската молитва (бајрам намаз), вклучително и во дворот на оваа џамија, следејќи ги правилата против ширење на вирусот, со маски и држење растојание.
На програмата по повод овој празник се изведуваа илахии на албански, турски и на босански јазик.
Бајрамската молитва ја водеше скопскиот муфтија Кенан Исмаили, додека обраќањето на имамот за време на одбележувањето на Бајрамот ја читаше претседателот на ИВЗ, Шаќир Фетаху, на албански и на македонски јазик.
По бајрамската молитва Фетаху во изјава за медиумите им го честита празникот на сите верници.
„Денес сме среќни и радосни затоа што денес имаме можност и среќа да бидеме блиску едни до други, да ја подадеме раката на помирување, да бидеме заедно во нашите срца, во нашите семејства и во нашите животи“, рече тој.
Фетаху истакна дека како ИВЗ во текот на Рамазан, но и од првиот момент на појавата на Ковид-19 се организирани на највисоко ниво, почитувајќи ги сите норми предвидени со исламот и сите мерки предвидени од сите надлежни институции.
Претседателот на ИВЗ, исто така, од името на сите верници се заблагодари на Владата на Северна Македонија за олеснувањето што им го дадоа во текот на месецот Рамазан и Бајрам.
- Во Тирана на плоштадот „Скендербег“ се одржа молитвата за Рамазан Бајрам -
Муслиманските верници во Албанија молитвата по повод Рамазан Бајрам ја извршија на плоштадите, но и во џамиите во земјата.
Централната програма на бајрамската молитва се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Тирана, според протоколот за мерките против пандемијата на Ковид-19.
- Оваа година во Косово за Рамазан Бајрам молитвите се одржаа во џамиите -
Откако минатата година бајрамската молитва во џамиите низ Косово беше прекината од Исламската заедница на Косово (ИЗК) поради коронавирусот, оваа година властите одлучија молитвата на овој празник да се одржи во џамиите.
Овој Рамазан Бајрам, муслиманските верници во Косово бајрамската молитва ја обавија во џамиите, почитувајќи ги мерките против ширењето на пандемијата на Ковид-19.
Голем број верници беа дел од бајрамската молитва во Големата џамија „Султан Мехмет Фати“ во Приштина.