Zülfiya Yakup
13 Јуни 2017•Ажурирај: 14 Јуни 2017
ПРИШТИНА (АА) - Предвремените парламентарни избори во Косово што се одржаa на 11 јуни, беа навистина конкурентски и мирни во повеќето делови на Косово, но имаше и недостатоци, како што се непрецизни избирачки списоци, недостатоци во системот за гласање надвор од Косово, како и заплашување на српските заедници, е првичната оцена на набљудувачите од ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на изборната набљудувачка мисија на ЕУ на Косово, Алојз Петерле, на прес-конференцијата за новинарите изјави дека изборите биле конкурентски и мирни, и на гласачите им биле понудени информации за различни политички опции.
„Сепак“, додаде тој, „неточните избирачки списоци имаа негативно влијание, бидејќи тие беа подложни на измама, но и системот на гласање надвор од Косово имаше многу недостатоци“.
„Овие прашања бараат политичка волја и посветеност за да се спроведат потребните изборни реформи. Во делови од Косово каде што Србите се мнозинство, изборниот процес беше нарушен со заплашување на заедницата во однос на кандидатите и гласачите. Имаше недостаток на одговорност од страна на јавниот обвинител и полицијата во врска со овој инцидент, и тоа отвора прашање за кредибилитетот на демократскиот процес во овие области“, рече Петерле.
Петерле оцени дека изборната кампања беше мирна, изборниот ден беше мирен и без поголеми инциденти, вклучувајќи го и северниот дел на Косово. Исто така, тој истакна дека имало конфузија поради нејасните правила за тоа дали може да се гласа со српски лични карти.
Според него, овие парламентарни избори, како и претходните, беа предвремени, што значи дека се одржаа во краток временски период, и тоа имаше негативно влијание врз целиот процес. Централната изборна комисија работеше транспарентно, но имаше доцнење во објавувањето на одлуката, медиумите генерално известуваа балансирано, а Независната комисија за медиумите беше пасивна.
Лидерот на делегацијата на Европскиот парламент, Игор Шолтес, ја поддржа изјавата на мисијата на ЕУ за набљудување на изборите.
Тој истакна дека треба повеќе да се работи на имплементација на препораките на ЕУ од последните избори во 2014 година, бидејќи последиците се чувствуваат на избирачкиот список, гласањето во странство, транспарентноста во финансирањето на изборната кампања на политичките субјекти и обезбедување на немешање на јавните и државните институции.
„Сакам да истакнам уште едно прашање, кое се однесува на заплашувањето притисокот врз гласачите во некои делови на земјата, што не смее да се игнорира. Ова е неприфатливо во изборната кампања и се надеваме дека ќе се преземат сите мерки за да не се случи повторно во претстојните избори на крајот од годината", изјави Шолтес.
Изборната набљудувачка мисија на ЕУ распореди околу 100 набљудувачи низ Косово на денот на изборите од земјите-членки на ЕУ, како и од Норвешка и Швајцарија.
Мисијата ќе остане во Косово за да го следи процесот во Центарот за пребројување на гласовите, како и за решавање на жалбите и поплаките до објавувањето на конечните резултати.