Zülfiya Yakup
04 Декември 2015•Ажурирај: 05 Декември 2015
ПРИШТИНА (АА) - Мрежата на женски групи од Косово објави денес нов извештај наречен „Буџет во правец на благосостојба“, кој се состои од други анализи на родовата рамноправност во буџетот на Министерството за работа и социјална заштита на Косово кој покажа дека жените се наоѓаат воглавно на работни места кои се во ниските платни одделенија, јавува Anadolu Agency (AA).
Координаторката на проектот, Доњета Морина, презентирајќи го Извештајот истакна дека и покрај подобрувањето во однос на 2014 година, жените остануваат недоволно застапени во Министерството за работа и социјална заштита, посебно на нивото на одлучување и дека и понатаму постои нерамноправност во примањата.
Таа ги цитираше податоците од Извештајот според кои на ниво на плати од 200 до 400 евра се 54 отсто од жените, во нивото од 400-600 евра 42 отсто од жените, додека над 600 евра примаат само 19 отсто од жените.
Извештајот „Буџет во правец на благосостојба“, препорачува да се продолжи со зголемувањето на процентот на вработување на жените во високите нивоа на заработка, се додека не се постигне законската обврска од 50 отсто на жени во сите нивоа на плата. Се препорачува податоците во пензискиот систем на Косово да се поделат според половите и според етничката припадност.
Министерот за работа и социјална заштита, Арбан Амбраши, рече дека ваквите извештаи им помагаат на институциите да бидат поодговорни во своите политики, посебно кога се има во предвид дека во косовското општество жените и понатаму се дискриминирани.
„Иако во Министерството кое јас го водам жените доминираат над мажите, вработени се 399 мажи и 474 жени. Овој извештај не чини горди, бидејќи жените стануваат помалку застапени на местата за донесување одлуки“, рече Амбраши.
Александра Фехлингер, раководителка на овој проект од германската организација Deutsce Gesellscaft fur Internationale (GIZ), истакна дека GIZ финансиски и помогна на Мрежата на жени од Косово во овој истражувачки проект.
„Тие мислеа дека треба да се прошири овој вид работа за да се испита распределбата на буџетот според родови, демократски и етнички групи и според географска основа. Податоците кои сега ги имаме се корисни и надвор од разгледувањето на буџетот за 2015 година“, кажа Фехлингер.
Директорката на Мрежата на жени од Косово, Игбал Ругова, истакна дека за родовата рамноправност е многу битна соработката на институциите со цивилното општество.