Ekip,Diyar Güldoğan
18 Јануари 2018•Ажурирај: 19 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Македонија и Грција можеби се приближуваат кон крајот на решавањето на спорот околу официјалното име на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на преговорите во Њујорк, личниот претставник на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) , Метју Нимиц, на делегациите на двете земји им доставил пет предлози за името.
Според македонските медиуми цитирани од страна на грчките медиуми денес, предложените имиња пред кои стои зборот „Република“ се: Нова Македонија, Северна Македонија, Горна Македонија, Вардарска Македонија и Македонија (Скопје).
Иако Нимиц изјави дека процесот се одвива во вистинска насока, преговарачот за Македонија, Васко Наумовски, ги отфрли предлозите претставени од медијаторот на ОН, сметајќи ги за „далеку од достоинствено решение."
Официјална Атина не сака својот сосед да го има името Македонија поради постоењето на истоимен регион во Грција.
Ултраконзервативната партија Независни Грци, која е дел од главно левичарската коалициска влада, вели дека се спротиставува на било кое име кое го вклучува терминот „Македонија“. Главната опозициска партија Нова Демократија, сеуште не го изрази својот официјален став во врска со ова прашање.
„Се обидувам да најдам некои можности кои што ќе бидат реални со тоа. Јас самиот мислам дека не е реално да се очекува Поранешна Југословенска Република Македонија, да го нема на некој начин терминот Македонија во своето име“, вели Нимиц.
Во меѓувреме, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денес за време на својот говор во Парламентот на Македонија изрази поддршка кон напорите на Македонија за членство во НАТО.
„Добро е да се биде амбициозен, но важно е да се биде реален. Има уште работа што треба да се сработи. Ова секако значи решавање на прашањето со името на вашата земја, ова е прашање коешто му тежи на овој регион и на вашата земја веќе подолго време. Ја поздравувам волјата која вашата влада ја покажа за решавање на ова прашање во текот на вчерашната средба во рамките на ОН во Њујрок, каде што беше направен уште еден важен чекор. Охрабрен сум од напредокот и Ве поттикнувам за вашата шанса да се придвижите напред. Сепак, членството во НАТО е многу повеќе од решавање на прашањето за името”, рече Столтенберг.
Македонија не може да биде членка на ЕУ и НАТО поради тековниот спор околу името со Грција, кој трае повеќе од 25 години.
„(Македонија) Не може да стане земја-членка на НАТО без да се реши прашањето со името, тоа беше повторено и во 2014 и во 2016 година на НАТО самитите. Нема план Б, нема приклучување во НАТО без решение за името“, нагласи Столтенберг за време на прес-конференцијата со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, во Скопје.
Македонија е самостојна држава од 1991 година. Во 1993 година е признаена од страна на ОН, но со името Поранешна Југословенска Република Македонија (ПЈРМ), поради приговорите на Грција.
Околу 118 држави, вклучувајќи ја и Турција, во моментот ја признаваат Македонија под нејзиното уставно име.