Mustafa Talha Öztürk
26 Мај 2020•Ажурирај: 27 Мај 2020
БЕЛГРАД
Откако во Црна Гора е прогласено искоренување на Ковид-19, црногорските власти вчера објавија дека наскоро ќе ги отворат границите за неколку европски земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сепак, на листата на одобрени земји не се најде Србија, што предизвика бес меѓу српските граѓани и официјални претставници.
„Отворањето на границите со државите кои исполнуваат соодветни епидемиолошки критериуми се очекува во првите денови од јуни. Во моментов, тоа се: Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Полска, Чешка, Унгарија, Албанија, Грција “, пишува во објавата на Твитер на Владата на Црна Гора од синоќа.
Српската премиерка Ана Брнабиќ денес изјави дека ваквата одлука покажува дека Србите не се добредојдени во Црна Гора.
„Нашите граѓани сега можат да видат дека не се добредојдени во Црна Гора. Ова е затоа што, ние не лажевме дека нашите луѓе умираат од грип и пневмонија, наместо од коронавирус“, изјави Брнабиќ.
Таа нагласи дека Србија не планира да возврати на таквите мерки и нема да ги затвори своите граници за црногорските граѓани.
Црна Гора, која прогласи независност од Србија во јуни 2006 година е една од најмалите европски земји со население од малку повеќе од 600.000.
Во неделата, 68 дена откако го потврди првиот случај од Ковид-19, Црна Гора прогласи искоренување на вирусот во земјата.
Во тој период, во земјата беа потврдени вкупно 324 случаи на заразување и девет смртни случаи.