Admir Fazlagic
15 Јануари 2021•Ажурирај: 16 Јануари 2021
СКОПЈЕ
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, реагира по повод палењето на знамето на Бугарија на Вевчанскиот карневал, истакнувајќи дека тоа е за осуда, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Палењето на знамето на Република Бугарија за време на Карневалот во Вевчани е недопустливо и за осуда. Меѓу соседите е неопходно градење на доверба, разбирање и почитување“, истакна претседателот Пендаровски во објава на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Во врска со палењето на бугарското знаме на Вевчанскиот карневал реагира и Министерството за надворешни работи на Северна Македонија во објава на социјалните мрежи.
„Вековна традиција не смее да биде загрозена преку активности со кои се омаловажуваат или навредуваат народи, држави, особено нашите соседи. Го осудуваме палењето на знамето на Република Бугарија на Карневалот во Вевчани, чин кој не само што го нарушува реномето на Карневалот туку и нанесува штета на угледот на Република Северна Македонија“, се наведува во реакцијата на МНР.
Претходно, во текот на вчерашниот ден, министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, на социјалните мрежи објави дека Софија упатила остар вербален демарш за Скопје поради запаленото знаме.
Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, по повод палењето на бугарското знаме во Вевчани информира дека против лицето кое го запалило знамето ќе биде поднесена соодветна пријава.
„На 14.1.2021 во 15:00 часот, при дефилирањето на василичарските маски во село Вевчани, Струшко, лице кое било дел од василичарските маски во рака држело знаме на Република Бугарија, коешто при традиционалното палење на маските во центарот на Вевчани, го спуштило во запалениот оган и го запалило. Настанот е документиран и по утврдување на идентитетот на лицето против него ќе биде поднесена соодветна пријава.“