Admir Fazlagic
13 Март 2020•Ажурирај: 14 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Во Северна Македонија има четири нови случаи на коронавирус, потврди министерот за здравство Венко Филипче, кој соопшти дека Владата утврдила дека ќе се воведе кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, во општините Дебар и Центар Жупа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со новите четири случаи бројот на лица кај кои е потврден коронавирусот (Ковид-19) се искачи на 13, од кои една пациентка е излекувана.
На прес-конференцијата во Владата, министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, рече дека денеска дошле за тестирање материјали од Центарот за јавно здравје во Дебар од уште десет лица коишто се во врска со втората група на хоспитализирани пациенти, вкупно 24, сите во домашна изолација.
„Десет покажале знаци за горно респираторно заболување, локалниот епидемиолог ги зел материјалите и ги прати на испитување, четири се позитивни. Сите четири се со лесна клиничка слика. Тоа беше директна причина да се воведе кризна состојба во Дебар и Центар Жупа и непосредно после тоа на седница на Влада се донесе одлука за ограничување на движењето во и надвор од истите“, изјави Филипче.
Тој информираше дека во овој момент на Клиниката за инфективни болести во Скопје има 9 пациенти, вклучувајќи ја првата пациентка за којашто веќе се спрема отпусно писмо и денес или утре ќе се отпушти од Клиниката, другата пациентка е од Скопје и седум пациенти се од Дебар.
Исто така, четирите лица од Дебар кај кои е потврден коронавирусот ќе бидат хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести.
Според Филипче, пациентите се стабилни освен пациентката од Дебар, патничката која беше примена со нејзиниот сопруг. Таа има дополнително влошување на состојбата и е практично на граница да биде поставена на апарат за механичка вентилација.