Admir Fazlagic
28 Февруари 2019•Ажурирај: 01 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, ја почна официјалната посета на Романија со средба со романската премиерка Виорика Данчила, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Владата на Северна Македонија, романската премиерка Данчила информирала дека во Романија се почнати процедурите за ратификација на Протоколот за пристап на Северна Македонија во НАТО, што е изгласано во Домот на пратениците.
Во изјавата за медиумите таа рече дека очекува брзо заокружување на овој процес и дека Република Северна Македонија во најбрзо време ќе биде 30. членка на НАТО. Романската премиерка Данчила ја реафирмираше позицијата за продолжување на проширувањето на ЕУ врз индивидуални заслуги за земјите од Западен Балкан.
Таа изјави дека очекува дека во јуни ќе бидат потврдени политиките на проширување на ЕУ и ја охрабри Северна Македонија да продолжи со исполнување на реформските аргументи.
„Премиерката Данчила јавно честиташе на премиерот Заев за неговиот придонес низ храброста и енергијата во големите процеси за нашата држава, за што смета дека е инспирација за целиот регион“, се вели во соопштението на Владата.
Во името на граѓаните и Владата на Северна Македонија, премиерот Заев се заблагодари за вчерашната ратификација на Протоколот за пристап на Република Северна Македонија во НАТО во Домот на пратениците на романскиот Парламент, како и за сета поддршка во процесот на НАТО-интеграциите.
„Особено ми е драго што сме во официјална посета на Букурешт и што посетата се совпаѓа со една важна фаза во ратификацијата на Протоколот за влез на Северна Македонија во НАТО од страна на пријателска Република Романија“, рече Заев во изјава за медиумите.
„Пред 11 години, токму овде во Букурешт, беше пропуштена историската можност за влез на нашата држава во Алијансата. Денес на темелите на минатото изградивме иднина. Северна Македонија е на атлантскиот пат. Пријатели, благодариме“, порача Заев.
Освен за интеграциите во НАТО, премиерот Заев се заблагодари и за поддршката во европскиот пат на Република Северна Македонија.
Заев додаде дека е значајно што со премиерката Данчила е постигната согласност за унапредување на економската соработка и можноста за одржување бизнис-форум.
Премиерката на Романија, Виорика Данчила, се вели во соопштението, упати честитки за отворените НАТО-интеграции и за крупните политички чекори направени за брзо време и рече дека Романија сака да ја види Северна Македонија како еднаква членка на НАТО.
На билатералната средба упатени се честитки за целиот прогрес на Северна Македонија земја за НАТО, со надеж дека европскиот пат ќе биде реалност и дека тоа би бил најсреќниот момент од работата на романското претседателство.
На состанокот се разговараше и за поконкретни иницијативи во меѓусебната соработка во областите на енергетиката и одбраната.
Средбата на ниво на делегации беше реализирана на високо владино ниво. Од страна на Романија, освен премиерката, присутни беа и министрите за надворешни работи, за одбрана, за дијаспора.
Премиерот Заев, пак, е придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи и заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски.
Попладнето, предвидени се средби на премиерот Заев и делегацијата со претседателот на Домот на пратениците, Ливиу Драгнеа, како и со заменик-претседателот на Сенатот на Романија, Јулијан Клаудиу Манда.