Abdula Berisha
25 Јануари 2024•Ажурирај: 26 Јануари 2024
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, поднесе оставка од функцијата како дел од подготовките за парламентарните избори што треба да се одржат на 8 мај оваа година, пренесува Анадолу.
Ковачевски даде кратка изјава за новинарите пред влезот на Собранието, каде што дојде за да ја поднесе својата оставка.
„Денес, како што кажав, ќе го направам тоа што е предвидено според закон. Мојата оставка е потпишана и сега ќе ја однесам во архивата. Ќе се видам со претседателот на Собранието, ќе му посакам успешна процедура до недела, а потоа и успешен избор за технички премиер на Владата", рече Ковачевски.
Тој истакна дека чувствува чест и гордост за својата работа во изминатите две години „во време на една тешка економска и енергетска криза“.
Претходно Ковачевски информираше дека имал неформална средба со министрите на која им се заблагодарил за напорната работа.
Изрази уверување дека државата „ќе го задржи својот стратегиски правец, а тоа е западна ориентација и стратегиско партнерство со САД“.
Вчера претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, ги најави својата оставка и оставката на премиерот Ковачевски.
Според договорот меѓу владините партнери СДСМ и ДУИ, последните 100 дена премиерот треба да биде од редовите на ДУИ. Оваа партија одлучи токму сегашниот претседател на Собранието, Талат Џафери, да биде предложен за мандатар на техничката влада, кој поради оваа причина треба да поднесе оставка од актуелната функција.
Овие случувања произлегуваат од Пржинскиот договор, постигнат во јуни 2015 година, за да се реши тогашната политичка криза во земјата. Според договорот, редовната Влада поднесува оставка и 100 дена пред денот на изборите се избира техничка влада што треба да ги спроведе изборите.
Одредбите од Пржинскиот договор се дел од Законот за Влада, каде што меѓу другото се предвидени неколку министерски и заменик-министерски функции за опозицијата.
Во декември 2023 година политичките лидери во Северна Македонија се согласија за датумите за одржување на претседателските и парламентарните избори.
Првиот круг на претседателските избори е договорено да биде на 24 април 2024 година, а вториот круг на претседателските избори да се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај 2024 година.
Според најавеното, се очекува во недела, на 28 јануари, да биде избрана техничката влада.