Ahmed Muharrem
03 Јануари 2025•Ажурирај: 03 Јануари 2025
ПОДГОРИЦА (АА) - На протестот пред Владата на Црна Гора вечерва повеќе стотици граѓани на Подгорица побараа оставка од целото политичко раководство на безбедносниот систем, по масакрот што се случи во Цетиње на 1 јануари, кога Ацо Мартиновиќ уби 12 свои сограѓани, јавува Анадолу.
Граѓаните носеа транспаренти на кои пишуваше „Рацете ви се крвави“, „Системот ви е гнил“ и „12 минути тишина“.
Пред Владата се слушнаа и извици „убијци излезете надвор“ и „оставка“.
Една од присутните на денешниот протест Јелена Додеровиќ низ солзи рече дека денеска е на протестот во име на своите деца и на сите луѓе.
„Сите сме цел. Срам за системот“, рече Додеровиќ.
Никола Милиќ, еден од учесниците на протестот, рече дека масакрот во Цетиње многу го погодил црногорскиот народ и општеството во Црна Гора.
„Но, тоа е само причината за овој собир. Капката што ја прелеа чашата е окупационата власт што ја снајде Црна Гора, а која ја персонифицираат премиерот Милојко Спајиќ и претседателот на Собранието Андрија Мандиќ“, рече Милиќ.
За време на протестот почна и седницата на Советот за национална безбедност на Црна Гора на која се разгледува воведување нови мерки за зголемување на безбедноста.