Fatjon Cuka
06 Октомври 2020•Ажурирај: 07 Октомври 2020
ТИРАНА
Заедничката седница на владите на Албанија и Косово во Тирана предизвика реакции во Србија, вклучително и реакциите на српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, а премиерот на Албанија, Еди Рама, одговори на овие реакции, јавува Агенција Анадолија (АА).
За време на прес-конференцијата на тема „Економијата во фокусот“, Рама рече дека српскиот претседател Александар Вучиќ треба да ѝ се извини на Албанија за изјавите на министерот Вулин.
„Што се однесува до природната катастрофа која ја открив во условите на трајното дејствување во Владата на Србија во форма на еден министер, можам да истакнам дека продолжувам да очекувам претседателот на Србија да побара во име на Република Србија извинување за таа природна катастрофа. Разбирам дека нема моќ над таа катастрофа, но таа катастрофа нека ја задржи за себе и за Србија", рече Рама.
Според Рама, Министерство за надворешни работи на Албанија „продолжило понатаму со процесот".
„Амбасадорот на Србија е повикан или ќе биде повикан за вербална нота со цел да ја информира српската држава дека ниту една лабава уста во Владата на Србија не може да ѝ наштети на Владата на Албанија или фигурата на еден министер или премиер на Албанија", истакна Рама.
Потсетуваме, албанскиот премиер Рама, за време на заедничката конференција со премиерот на Косово, Авдулах Хоти, по заедничкиот состанок на владата на 2 октомври, рече дека „конечно ќе се потпише договорот што ја пренесува Царината во Драч на целосно располагање на Косово и дека го претвора пристаништето во Драч во „де факто" пристаниште на Косово“.
Српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, покрај некои други изјави, во изјавата објавена на официјалната веб-страница на српското Министерство за одбрана, пред неколку дена истакна дека „изјавувајќи дека пристаништето во Драч ќе му припаѓа на Косово, Еди Рама, продолжи со своите напори за создавање на „Голема Албанија“.