САРАЕВО (АА) - Алма Џековиќ - Геноцидот во Сребреница и во уште шест други општини во Босна и Херцеговина, убивањето и затворањето на несрпското население во земјата, безобѕирното уништување на приватната сопственост и на јавните добра, ширењето терор меѓу цивилното население во Сараево во периодот од 1992 до 1995 година, се некои од кривичните дела за кои се товари командантот на војската на Република Српска, Ратко Младиќ, за што сведочат бројни документи, предмети, визуелни записи кои се чуваат во музеите низ Босна и Херцеговина.
Сеќавањата на најголемиот геноцид по Втората светска војна, на злосторствата против човештвото, злосторствата извршени над деца, на теророт над цивилното население во Сараево ги чуваат и музеите и галериите во главниот град на Босна и Херцеговина, кои ги посети екипата на Anadolu Agency (AA). Тие со своите експонати ја раскажуваат приказната за човековата судбина, страдањето на невиното население, на преживувањето и сведочат за црните дупки на цивилизацијата на крајот од 20. век.
- Музејот на злосторствата против човештвото и геноцидот -
Мултидисциплинарниот пристап во запознавањето и истражувањето на настаните во Босна и Херцеговина во периодот 1992-1995 година нуди Музејот на злосторствата против човештвото и геноцид во Сараево, кој изобилува со богата архивска граѓа.
Во неговиот состав влегува архивот и изложбата на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, како и простор кои говори за злосторствата против човештвото, логорите, злосторствата извршени над деца, за масовните гробници, за геноцидот во Сребреница како и видео изјави и сведоштва на жртвите и проекции на филмови на Хашкиот трибунал.
„Наидовме на добро разбирање од Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг. Ја добивме и поставката на Меѓународниот суд, се прикажуваат филмови во организација и издание на Меѓународниот суд. Ова до одреден степен ни даде сериозност и поддршка“, изјави Јасмин Мешковиќ, еден од основачите на музејот.
Во музејот, меѓу другото, се наоѓа и дел од жицата со која е заграден логорот Сушица во Власеница, каде што се убиени 140 затвореници, потоа пораки упатувани со посредство на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, а меѓу најпотресните се личните предмети пронајдени во масовните гробници - паричници, лекови, пенкала, клучеви, здравствени книшки, лични карти, па дури и детски цуцли.
- Дневникот и предметите на Ратко Младиќ -
Во една од собите се наоѓа ознаката на озлогласениот 10. диверзантски одред кој беше подреден на Главниот штаб на Војската на Република Српска, односно директно на командантот Ратко Младиќ. Припадниците на овој одред на 16 јули 1995 година во фармата Брањево и во Домот на култура Пилице за неколку часа убија меѓу 1.000 и 1.500 мажи и момчиња, по падот на „заштитената безбедносна зона на Сребреница“.

Во еден од филмовите кој се емитува во Музејот, прикажан е дневникот на Ратко Младиќ кој ги содржи неговите белешки од текот на целата агресија на БиХ и од сѐ што се случуваше во зоната под контрола на Војската на РС. Овој дневник, рече Мешковиќ, бил доказно средство во предметот против Ратко Младиќ и еден дел е достапен во Музејот.
Еден од предметите, односно една од приказните во Музејот е и плетената топка и фотографијата на седумгодишно дете кое во 1995 година во Сребреница е стрелано заедно со својот татко. Единствениот преживеан од неколкуте десетици стрелани лица беше и заштитен сведок во предметот против Ратко Младиќ.
„Се обидуваме да дојдеме до секој предмет, како на жртвите така и на злосторниците. Кога станува збор за Ратко Младиќ, злоделата и местото на злосторствата е цела БиХ“, рече Мешковиќ.
Во Музејот, меѓу другото, изложен е и леток кој силите на ОН во 1993 година го делеа на населението на Сребреница, известувајќи ги за прогласувањето на Сребреница за заштитена зона на ОН.
Музејот е отворен во јули 2016 година и на почетокот, рече Мешковиќ, изгледал скромно. Подготовките се одвивале долго, бидејќи се разговарало со жртвите од сите категории во БиХ, со нивните семејства кои ја почувствувале потребата нивното страдање и болката, да биде видлива и од сето тоа да се извлече порака.
Во иднина, желбата е Музејот да прерасне во Истражувачко-документационен центар кој ќе им помогне на истражувачите на злосторствата против човештвото и геноцидот да имаат пристап до ретки документи.
- Галеријата за Сребреница допринесе во откривањето на вистината -
Во обвинението од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија се наведува дека од деновите кои му претходеа на 11 јули 1995 година, па сѐ до 1. ноември 1995, Ратко Младиќ учествувал во здружени злосторнички потфати за елиминирање на босанските муслимани во Сребреница, и тоа со убивање на мажите и момчињата, како и насилно грабнување жени, деца и дел од постарите мажи од тоа подрачје.
Сеќавањето на геноцидот што се случи во Сребреница на 11 јули 1995 година, се чува во Галеријата Сребреница 11/07/95 во главниот град на Босна и Херцеговина.
Посетителите во првата просторија се среќаваат со неколку стотици оригинални портрети на дел од жртвите на геноцидот. Станува збор за машки лица од сите возрасти. На тоа место можно е компјутерски да се реконструира и следи целиот тек на настаните во јули 1995 година. Поглавјата се поделени по денови од овој период, а материјалот е достапен на босански и на англиски јазик. Содржи ретки снимки и сведоштва и трае 220 минути.
Во музејот има фотографии од локации на масовни гробници, предмети кои се наоѓани во текот на откривање на гробниците, доказите кои се користени од Хашкиот трибунал, а на неколку фотографии овековечени се рамнодушноста и морбидната иронија во пораките на оние кои ја штитеа заштитената енлава на ОН.
- Историскиот музеј на БиХ, верен сведок на опсадата на Сараево -
Во обвинението Ратко Младиќ се товари и за убиства кои беа дел од целта за ширење терор меѓу цивилното население во Сараево, преку спроведување кампања за снајперско делување и гранатирање во периодот од 12 мај 1992 до ноември 1995 година, вклучувајќи ги и гранатирањето на пазарот Маркале на 5 февруари 1994 година, кога загинаа 66 лица, а над 140 лица беа ранети.
Историскиот музеј на Босна и Херцеговина со автентичните експонати е верен сведок на времето и настаните зад затворени врати во Сараево, и на држењето на населението на главниот град на БиХ под постојан артилериски и снајперски оган што беше дел од стратегијата за опсада.
Документите, предметите, тонските и визуелните записи кои се наоѓаат во постојаната поставка „Опколено Сараево“, се потсетник на ужасите на военото Сараево и е дело на сите сараевчани, нивниот три и пол годишен живот исполнет со страдање, трагедии, понижување и борба за опстанок.
Меѓу предметите кои сведочат за злосторствата над жителите на Сараево е сликата на ужасниот призор од пазарот Маркале којашто го обиколи светот двапати: првпат на 5 февруари 1994 година, а потоа уште еднаш, на 28 август 1995 година. Трагичниот биланс од овие два масакра беше 109 убиени и 264 ранети.
-Значењето на Тунелот на спасот -
Освен Историскиот музеј на Босна и Херцеговина, за страдањето на сараевските цивили сведочи и Тунелот на спасот, сараевскиот воен тунел што е направен за време на опсадата на Сараево во 1993 година. Тунелот е направен под аеродромските писти и ги поврзуваше двете територии што ги држи Армијата на Република БиХ (Добриња и Бутмир). Тунелот беше најстрогата тајна на Сараево, бидејќи низ него во Сараево влегуваа храна, оружје, цигари...
Во текот на 1994 година, за тунелот дозна и Војската на Република Српска, така што Ратко Младиќ контактираше со аеродромот, кој го држеа ОН, и побара тунелот да се сруши и да се затвори. Потоа Војската на РС се обиде со копање на друг тунел и со пренасочување на реката Железница да го потопи тунелот и така да го онеспособи, но таа намера не беше успешна.
Значењето на скромниот Тунел на спасот беше огромно, не само за градот Сараево, туку и за цела Босна и Херцеговина.
Читањето на пресудата за Младиќ ќе се одржи на 22 ноември 2017 година во Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Судењето започна на 16 мај 2012 година. Обвинението против Младиќ е подигнато во 1995 година, тој неколку години се криеше, така избегнувајќи го апсењето и испорачувањето на Хашкиот трибунал.
news_share_descriptionsubscription_contact
