Miki Trajkovski
19 Ноември 2017•Ажурирај: 20 Ноември 2017
ОХРИД (АА) - Нафта денес ја покри речиси целата површина на каналот Студенчишта во Охрид кој што природно е поврзан со Охридското езеро, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информации од Капетанија на пристаништата во Охрид најверојатно нафтата се излеала од бродот „Мис Стон" кој подолг временски период не плови во водите на езерото, а кој утрово почнал да потонува. Бродот е целосно руиниран исто како и десеттина други пловни објекти кои што се сместени од двете страни на каналот Студенчишта.
Први случајот го забаележале и го пријавиле кај надлежните рибарите кои на овој потег ловат риба. На терен веднаш излегоа претставници на Охридската капетанија како и припадници на Армијата на Македонија.
„Во капетанија на пристаништа дојде информација дека во каналот е излеано определено количество на дизел гориво. Веднаш реагиравме и излеговме на лице место за да пронајдеме најпрво кој е изворот на дизел горивото кое дошло на територијата на каналот. Веројатно станува збор за еден потонат број кој одамна нема сопственици и кој наредните денови ќе биде дислоциран“, изјави Горан Устијаноски, капетан на пристаништа во Капетанија Охрид.
Веднаш беше преземена акција за неутрализација на нафтата со помош на специјални средства, наречени абразиви. Од Капетанија на пристаништа уверуваат дека во голема мера ваквите мерки ќе дадат резултати со тоа што нафтата од површината на каналот ќе биде отстранета.
„Каналот во голема мерка е веќе саниран, а миризбата е отстранета. Ќе го третираме и малиот канал, а потоа повторно ќе се вратиме на големиот канал за да видиме каква е повторно состојбата. Нафтата брзо се разлева иако немаше голема количина на нафта во бродот. Една капка на нафта може да се разлее на површина од 5-6 метри квадратни.Бидејки каналот претставува една ограничена површина, останала тука и е многу евидентна“, кажа Устијаноски.
Меѓу другото, тој уверува дека денешниот настан нема да се одрази негативно врз Охридското езеро.
Во текот на наредните денови се очекува да биде спроведена и мерка за дислокација на неколкуте стари пловни објекти од каналот кои претставуваат поренцијална опасност за живиот свет во него.
Инаку, каналот Студенчишта е место каде егзистираат разни видови на риби, но најмногу е застапена плашицата. И досега имало случаи на излевање на нафта во езерото или пак во каналот, но денешниот случај според добрите познавачи на приликите е најевидентен. За сега не се соопштува конкретно колку количество на нафта се има излеано и дали станува збор можеби за поголемо количество.