Furkan Abdula
13 Април 2020•Ажурирај: 14 Април 2020
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Северна Македонија донесе одлука за ограничување на движењето на граѓаните за периодот којшто претстои, вклучително и за Велигденските празници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според владиното соопштение, на денешната 40. седница на Владата на Северна Македонија донесена е одлука за ограничување на движењето на граѓаните за време на викендот, вклучително и понеделник, односно од петок 17 април до вторник 21 април, на територијата на целата држава.
„За време на викендот, вклучително и понеделник, од петок 17 април во 16:00 часот, до вторник 21 април во 05:00 часот, се забранува движењето за сите граѓани на територијата на целата држава“, се вели во соопштението.
Се истакнува дека останува активна забраната за движење за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден, и се додава:
„Дополнително, од четврток 16 април во 16:00 часот, до вторник 21 април во 05:00 часот, се забранува движење на сите излетнички места, паркови и шуми низ целата држава. За лицата над 67-годишна возраст останува активна забраната во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот. Во понеделник, 20 април, за овие граѓани има целосна забрана. За сите лица до 18 години останува активна забраната за движење во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот. Во понеделник, 20 април, за овие лица има целосна забрана.“
Според соопштението, останува активна и забраната за движење на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.
Се нагласува дека за земјоделските активности дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.
Се вели дека исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и за матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.