Zylfije Adem Jakupi
29 Декември 2022•Ажурирај: 30 Декември 2022
СЕВЕРНА МИТРОВИЦА (АА) - Во последните денови, во време на зголемени тензии на северот на Косово, турскиот државјанин Абтул Фетах Куру им дели храна и пијалаци на припадниците на Косовската полиција, кои патролираат во близина на неговиот локал во Бошњачка Махала, јавува Агенција Анадолија (АА).
Куру, кој доаѓа од Алтинолук, турската област Чанакале, живее и работи во Косово веќе 15 години, а својата сендвичара за донер ја отвори пред пет години во Бошњачка Махала, мултиетничка населба во општина Северна Митровица.
Поставувањето барикади на патиштата на северот на Косово и лошата безбедносна ситуација во последните недели влијаеше на намалувањето на работата во продавницата на Куру. Но, токму поради новонастанатите околности решил да им помогне на припадниците на Косовската полиција кои патролираат во близина на неговиот локал, давајќи им бесплатна храна и пијалаци.

Куру вели дека припадниците на полицијата се загрижени за безбедноста на сите граѓани во населбата Бошњачка Махала каде што работи.
„Ова го правам во име на Бога, не го правам ова за рекламирање. Се трудиме колку што е можно повеќе да им помогнеме на полицајците кои се тука, да им кажеме дека ние како турски народ сме тука. Им даваме донер навечер и дење, навечер е студено и сакаме да им помогнеме што е можно повеќе, тоа е причината“, нагласува Куру.
Турскиот државјанин се стекна со репутација во Бошњачката Махала и сите го знаат како човек со добро срце, кој и во нормални ситуации им помага на децата и на луѓето од соседството на кои им е потребна помош.
Покрај Албанците, Бошњаците и Турците од Бошњачката Махала, продавницата на Фетах Куру ја посетуваат и припадниците на српската заедница, кои доаѓаат по добриот вкус на неговиот донер.

„Како турски народ, ние сме добронамерни. Секојпат, на секое место каде што сме, ние сме многу добронамерни и сакаме да помогнеме. Како народ, како граѓани, го правиме тоа самоволно. Како народ, ние сме исти во секоја земја. За нас татковина не е само местото каде што сме родени, туку и таму каде што го јадеме парчето леб. Каде и да одиме, подготвени сме да го сториме истото, секогаш, секаде ќе го правиме ова“, нагласува Куру, додавајќи дека кога им помага на луѓето, се чувствува како целиот свет да е негов и затоа тоа го прави со љубов.
Покрај донер, Куру во последните денови, навечер ги послужува полицајците и со топол чај.
Од 10 декември на повеќе локации на северот на Косово се блокирани патиштата кои водат до граничните премини на северот на Косово кон Србија, Брњак и Јариње. Оваа недела беше поставена нова барикада, прва во самиот град, веднаш во близина на продавницата на турскиот државјанин Абтул Фетах Куру во Бошњачка Махала.

Барикадите, кои ги поставија локалните Срби од северот на Косово, беа реакција на апсењето на поранешниот припадник на Косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој е осомничен за терористички напад врз институциите на Косово. Во средата, на барање на Специјалното обвинителство на Косово, Основниот суд во Приштина му го замени судскиот притвор на Пантиќ со куќен притвор.
По ваквата одлука на Судот, се очекува Србите да ги тргнат барикадите од патиштата, на кои ги повика претседателот на Србија, Александар Вучиќ.