Besar Ademi
17 Февруари 2017•Ажурирај: 18 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Старата чаршија во Скопје, која поради своето историско и културно значење и автентичната архитектура е од големо значење за Република Македонија, од една страна, а од друга страна е атрактивна дестинација за голем број туристи, во изминатиот период се соочува со проблемот на повеќе возила паркирани на места што не се определени за паркирање, јавува Anadolu Agency (AA).
Поради овој проблем, сопствениците на дуќаните во чаршијата, луѓето кои живеат таму, како и локалните и странските посетители се жалат за влегувањето на возилата во чаршијата, бидејќи тие сметаат дека Старата чаршија во Скопје не е место каде што може да влегуваат автомобили, а во најмала рака да се окупира просторот од страна на паркираните автомобили.
Салих Уташ, кој работи во Старата чаршија во Скопје и носи туристи од Турција на Балканот, за АА вели дека состојбата со автомобилите паркирани во чаршијата ги вознемирува туристите што ја посетуваат чаршијата, како и сопствениците на дуќаните во рамките на чаршијата.
„Многу сме вознемирени од оваа ситуација. Овој проблем не се однесува само на нас, туку и на туристичката сезона што се наближува. Во ниту една земја на Балканот не е дозволено во чаршиите да влегуваат автомобили, освен за неколку часа определени од страна на трговците. Дури и овде во Скопје не е дозволено, но сепак, не се преземаат мерки“, рече Уташ за АА.
Златарот во Старата скопска чаршија, Неџметин Буши вели дека состојбата со паркирањето на возилата во чаршијата продолжува веќе 2-3 недели и додава дека секој нов ден, бројот на автомобили се зголемува.
„Оваа калдрма е направена за пешачење и за да биде шеталиште, но во моментов, на еден од влезовите во чаршијата има дефект што не е поправен. Луѓето го злоупотребуваат ова и влегуваат со автомобили во чаршијата, ги вознемируваат луѓето и го загадуваат воздухот“, вели Буши за АА.
Тој истакнува дека надлежните органи не преземаат мерки, а според него, сопствениците на дуќаните во чаршијата веќе треба го кренат гласот за да се реши ова прашање и да не се паркираат возила во чаршијата.
Паркирањето возила во Старата скопска чаршија, исто така, им пречи и на пешаците и на граѓаните што престојуваат во чаршијата. Еден од овие граѓани е Сабит Ејупи, кој вели дека најпрво на чаршијата ѝ треба место за паркирање на возила, коешто го нема, а како второ, според него, оваа чаршија е занемарена и надлежните органи не се интересираат за состојбата на чаршијата.
„Државата воопшто не се интересира за Старата скопска чаршија. Каде и да се оди во Европа, ако некој влезе со возило во чаршија ќе биде сметан за луд или странец“, изјави Ејупи за АА.
Сопствениците на дуќаните на Старата скопска чаршија и обичните граѓани бараат итно да се регулира паркирањето на возила во чаршијата, бидејќи ги попречуваат пешаците, но исто така и ја нарушуваат убавината. Тие истакнуваат дека влегувањето со возило е забрането со закон и дека надлежните органи треба да преземат мерки за да не се крши законот.