Besar Ademi
15 Февруари 2017•Ажурирај: 16 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Координативното тело за еднакви права на лицата со инвалидност, во Скопје, во присуство на претставници од Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика, се одржа тематскa дискусиja „Здравствена заштита и здравствено осигурување на лицата со инвалидност во Република Македонија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според организаторите, ваквите настани се важни за лицате со инвалидност кои живеат во Македонија, бидејќи тие се соочуваат со многу проблеми поради специфичноста на нивната попреченост, додека оостанатиот дел од граѓаните не се свесни околу тоа.
Министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими, рече дека институцијата што ја води, отсекогаш ги поддржувала и ќе продолжи да ги поддржува иницијативите за подобрување на условите за лицата со посебни потреби.
„Во соработка со Министерството за здравство учествуваме заеднички во повеќе акции кои се однесуваат на лицата со инвалидност. Нивните иницијативи коишто доаѓаат од Националното координативно тело ќе ги поддржиме како Министерство за труд и социјална политика и се она што значи еднаквост на ваквите лица ќе биде прифатено од наша страна”, рече Ибрахими.
Претседателот на Координативното тело за еднакви права на лицата со инвалидност, Бранимир Јовановски, рече: „Не можеме да кажеме дека сме максимално задоволни, ниту дека не сме задоволни. Македонија е една од државите во регионот која дава грижа на лицата со инвалидност, меѓутоа сметаме дека тоа секогаш може да биде на подобро и повисоко ниво.”
Целта на оваа тематска дискусија е надлежни органи на заеднички начин да разговараат за опциите и правната рамка за оваа категорија на лица, како и за предлозите за изменување и дополнување на Законот за лицата со инвалидност, кој го гарантира правото на здравствено осигурување.
Од Координативното тело за еднакви права на лицата со инвалидност велат дека потребно е законско решение за развој на здравствените услуги и програми, рано откривање и дијагностицирање, ран третман и рехабилитација.