Ivana Ramadanova
15 Ноември 2017•Ажурирај: 16 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Со 66 гласа „за“ и 41 „против“, Собранието на денешната седница го усвои заклучокот за Законот за јазиците, со што Предлог-законот оди на понатамошно читање, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред почетокот на гласањето, координаторот на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, изјави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против, бидејќи како што рече, според нив, Законот е противуставен и е дискриминаторски кон македонскиот јазик и кон останатите јазици што ги говорат граѓаните во Македонија.
„Овој закон апсолутно не е во рамките на Уставот на Република Македонија и апсолутно не е во рамките на Охридскиот мировен рамковен договор, туку излегува надвор од него. За жал, законот не обединува. Се покажа низ изминатите неколку месеци дека овој закон разединува, овој закон не гради заедничко општество или еднакво општество за сите, овој закон разградува и создава паралелни општества во Република Македонија“, истакна Димовски.
Претседателот на Комисијата и пратеник од Демократската унија за интеграција (ДУИ) Артан Груби, го поздрави денешното гласање за потребата од носење на Законот за употреба на јазиците, изразувајќи надеж дека расправата на Комисијата за европски прашања ќе помине во најдобар ред и оти законот ќе биде усвоен оваа година, со што ќе биде постигната јазична еднаквост меѓу македонскиот и албанскиот јазик во сите органи на државната управа.
„Сакам да искажам разочарување од гласањето на ВМРО-ДПМНЕ во врска со потребата за усвојување на закон за јазикот, и се надевам дека пратениците на опозицијата ќе рефлектираат во меѓувреме така како што рефлектираа и граѓаните на изборите на 15 и на 29 октомври и оти ќе ја променат својата одлука во врска со ова прашање и ќе гласаат за конечно усвојување на Законот за јазиците и нема да бидат против“, изјави Груби.
Пратеникот на БЕСА, Фадил Зендели, најави дека ќе поднесат амандмани за Законот за јазиците, со што албанскиот би станал втор службен јазик.
„Нашата парламентарна група гласаше 'за' Законот за јазиците, за да помине во понатамошна постапка, да оди на второ читање. Ние и претходно рековме дека ќе го поддржиме овој закон, иако имаме многу забелешки во однос на суштината како овој предлог закон го уредува прашањето или сужбената употреба на албанскиот јазик. Уште шретходно рековме дека со овој предлог закон албанскиот јазик не се официјализира како втор во Република Македонија“, рече Зендели.
Според координаторот на пратеничката група на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија, Томислав Тунтев, пратениците на Социјалдемократскиoт сојуз на Мaкедонија работат на амандманските предлози за Предлог-законот за употреба на јазииците, со кои сакаат да интервенираат во законот онаму каде што се отвора проблем за различни толкувања на членовите.
„Со денешното изгласување на потребата за донесување на законот, почна постапката за целосно решавање на ова прашање отворено со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Со ова, конечно ќе се заокружи имплементацијата на делот на Охридскиот договор во делот на унапредување на човековите права во земјата. Очекувам дека во соработка со коалиционите партнери, но и со останатите пратеници, во текот на амандманската расправа, во следната фаза, ќе дојдеме до комплетно решение што ќе биде во интерес на сите граѓани и етнички заедници во оваа држава“, рече Тунтев.
Предлог-законот за употреба на јазиците влегува во втората фаза, кога пратениците имаат можност да поднесуваат амандмани што понатаму ќе се разгледуваат на Комисијата за европски прашања, по што ќе оди повторно на пленарна седница, на дебата, каде што ќе следува финално изјаснување на пратениците по текстот.
Според предлогот, за спроведување на законот ќе бидат издвоени дополнителни средства од буџетот на Република Македонија поврзани со основањето агенција за примена на јазикот.