Bekim Laci
15 Ноември 2017•Ажурирај: 16 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Лицата со инвалидност бараат да бидат отстранети архитектонските бариери што го спречуваат или го оневозможуваат вклучувањето на оваа категорија луѓе во сите сфери на животот, а по тој повод, 25 различни организации маршираа на улиците на Скопје, симболично означувајќи ги локациите каде што лицата со инвалидност немаат пристап, јавува Anadolu Agency (AA).
Дождливото време не претставуваше пречка за лицата со инвалидност и за нивните деца, кои маршираа со барања за специјални рампи за инвалидски колички во основните, средните и високите образовни установи, спуштени тротоари за да можат слободно да се движат, како и низа други барања, со што ќе можат да се движат низ градот.
Зоран Мијалков од иницијативата „Пет до дванаесет“, организатор на овој марш посветен на лицата со инвалидност, во своето обраќање пред присутните истакна дека повторно се собрале со истите барања како во изминатите години, со надеж дека денешните пораки ќе допрат во срцата на надлежните.
„Повикуваме на системски решенија, на решенија кои не се од денес за утре, туку решенија што конечно ќе го решат овој проблем којшто унишува фамилији. Овој пат ги повикуваме и локалните самоуправи, да учествуваат во оваа програма, сите министерства, владата и секој којшто сака да направи нешко за овие деца конечно да направи, рече Мијалков.
Дефектологот Симона Георгиевска нагласи дека сите ние познаваме некој со пречки во развојот, и од тука, секој има обврска да зборува за подобрување на животот на оваа категорија луѓе.
„Најчесто луѓето со попреченост наидуваат на една дискриминација и исклучување од секојдневниот живот. Ова искчучување подразбира всушност исклучување од образованието, комуникацијата, вработувањето, од инфраструктурата, информациите, здравствените услуги, пред се транспортните услуги ... Затоа ние сме тие коишто треба да ставиме крај на таа сегрегација и дискриминација којашто ја има во општеството за да може луѓето со попреченост да се вклучат во нашата заедница “, истакна Георгиевска.
Претходно во текот на денот, во Скопје се одржа конференцијата „Очи за еднаквост“, каде што министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, истакна дека ако едно лице се држи долго во социјална изолација, станува се повеќе исклучено од општеството и од пазарот на трудот.