Besar Ademi,Admir Fazlagikj
12 Септември 2018•Ажурирај: 13 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, кој престојува во работна посета на Република Македонија, по средбата со премиерот на оваа земја, Зоран Заев, изјави дека се наоѓа во Скопје за да ги охрабри и да ги поздрави заложбите на македонскиот и грчкиот премиер за решавање на прашањето за името, и ги повика граѓаните да гласаат „за“ на референдумот на 30 септември оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
Според претседателот Тачи, Договорот потпишан меѓу Македонија и Грција за решавање на прашањето за името, е најправичната можна одлука, бидејќи, како што рече, сите лидери имаат обврска да размислуваат повеќе за земјата отколку за популистички или за изборни моментуми.
Тој додаде дека целиот регион се стреми да биде дел од НАТО и од Европската Унија (ЕУ).

„Косово Ве охрабрува, почитуван премиеру, Ви дава целосна поддршка, Вам и на сите Ваши партнери во Македонија за да се придвижите напред кон членството во НАТО и кон европската иднина. Ве повикувам со мојот скромен авторитет, во име на Косово како соседна држава на Македонија, сите граѓани на Република Македонија, да учествуваат во референдумот и да гласаат „за“. Македонија во НАТО значи повеќе мир за целиот регион, вклучувајќи го и Косово“, рече претседателот Тачи.
На новинарско прашање дали неговиот повик за гласање „за“ на референдумот е мешање во внатрешните работи на соседна држава, Тачи одговори: „Кога Косово ќе биде подготвено за НАТО, ќе ги поканам сите нејзини пријатели да ме поддржат.“ Тој истакна дека ова е пријателски совет, бидејќи, според него, тие треба да се поддржуваат и да бидат блиску еден со друг.
„Секоја идеја што ги води нашите земји напред треба да биде добредојдена. Ако Косово е со безбедна перспектива, во безбедна насока, секој совет на премиерот Заев и на сите лидери во Македонија е добредојдена за мене“, рече Тачи, додавајќи дека „на крајот, двете земји ќе бидат дел од ЕУ и НАТО.“
Тачи, исто така се осврна на дијалогот помеѓу неговата земја и Србија, нагласувајќи дека евентуален постигнат договор ќе има европска супстанција, што ќе биде во полза на целиот регион.
„Ние нема да постигнеме никаков договор што ги загрозува нашите пријатели, ниту Македонија, ниту Албанија, ниту Црна Гора, ниту некоја друга земја. Но, ќе биде координиран договор како што постапувате и Вие со ЕУ, САД и со сите наши меѓународни пријатели и партнери“, истакна Тачи.
Косовскиот претседател ја поздрави иницијативата за Автопатот Приштина - Скопје, кој е во изградба, истакнувајќи дека од страна на премиерот Заев бил информиран дека Македонија одлучила неговата изградба да започне од границата меѓу Македонија и Косово и да заврши до Скопје.
- Заев: „Поддржувам решение за Косово кое ќе ја унапреди состојбата на Албанците и на Србите“
Премиерот на Македонија, Зоран Заев, истакна дека со претседателот на Косово, Тачи, оствариле средба како лидери на две држави што немаат отворени прашања. Според него, позитивините и конструктивните билатерални односи, соработката на сите нивоа остварени досега, охрабруваат да се направи чекор понатаму во отворањето нови можности за натамошно унапредување и продлабочување на меѓусебните односи.
Премиерот Заев истакна дека го поздравува дијалогот помеѓу Косово и Србија.

„Го поздравувам дијалогот што се имплементира помеѓу Косово и Србија. Македонија поддржува позитивно решение за Косово. Решение кое ќе ја унапреди состојбата и на Албанците и на Србите и на другите граѓани кои живеат во Косово. Решение кое ќе биде добро за иднината на Косово, но и за целиот наш регион“, рече Заев.
Тој додаде дека за него е важно сите лидери во регионот да останат обединети околу заедничките цели кои ги имаат, а тоа е траен мир, економски развој, регионална соработка и членство во Европската Унија.
„Среќен сум што претседателот на Косово, како вистински претставник на земја пријател, дојде денеска да нѐ охрабри и да испрати порака до граѓаните на Македонија дека низ дијалог се обидуваат да изнајдат решение за проблемот кој постои помеѓу Белград и Приштина. Решението ќе биде безбедно, грижливо, пријателско за Република Македонија и за целиот регион“, рече Заев.